Скопјанец ќе одговара за обид за убиство во кафеана

57

Скопјанецот Л.Ј. (64) , кој во неделата избоде маж во гостилница во скопската населба Хиподром, е осомничен за обид за убиство.

„Осомничениот на 24 февруари со умисла се обидел да лиши од живот едно лице, така што додека седеле на две маси во дворот на гостилница, без предупредување му пришол на оштетениот, извадил нож од џебот и замавнал. Притоа на оштетениот му нанел тешка телесна повреда влезно-убодна рана во пределот на абдоменот оштетувајќи му неколку органи“, велат од Обвинителството.

До Основниот суд 1 Скопје е доставено барање за притвор за осомничениот.

Претходно, од МВР информираа дека во неделата во 15 часот во полиција било пријавено дека во угостителски објект во населбата Хиподром, при меѓусебна расправија, Л.Ј. (64) од Скопје со нож во пределот на стомакот го пробол А.А. (39) од Скопје.

Повредениот бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, а напаѓачот бил приведен во Полициската станица Гази Баба.