Скопско лето: „Том Соер“ и ревија на народни носии

180

Во рамки на Скопско лето, утревечер (2 јули), со почеток од 19 часот, во Театарот за деца и младинци ќе се одигра претставата „Том Соер“ на Марк Твен, во режија на Деан Дамјановски, а во драматизација на Горјан Милошевски.

Во претставата играат Бојан Кирковски, Мики Анчевски, Драган Довлев, Емра Куртишова, Мартин Јорданоски, Ненад Митевски, Винета Дамческа, Симона Спировска, Наташа Петровиќ. „Ова е претстава за ‘малиот голем човек’ Том Соер, херојот на измисленото гратче Сент Питерсбург во Америка. Тој со помошта на својата остроумност и пргавост и се разбира, со помош на своите пријатели Хаклбери Фин и Бен Роџерс, успева: да ја бојадиса оградата без да помрдне ниту прст, да ја заведе Ејми Лоренс, да ја освои убавата Беки Тачер, да го спаси од бесилка Маф Потер…“, стои во најавата за претставата.

Подоцна, од 20:30 часот, пак, во Амфитеатарот пред спомен-куќата на Мајка Тереза, Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“ ќе одржи ревијален приказ на македонски народни носии насловен како „Фолклорни допири“.

Ансамблот „Орце Николов“ од Скопје 74 години е врвен репрезент на македонското народно творештво и во својот фундус има повеќе од 680 народни носии. За да ја приближи вистинската вредност и убавина на народната носија до современата публика, неопходно е да се користат современи форми за нивна презентација.