Скопско лето: „Деконструкција на пејзажот“ во Галерија 8 – Безистен

296

Во рамки на Скопско лето, утревечер (1 јули), со почеток од 21 часот во Галерија 8, Безистен во Старата скопска чаршија ќе се отвори изложбата „Деконструкција на пејзажот“ на уметницата Марјана Косточиновска-Узунчева.

„Секогаш имам потреба да ја употребам хоризонталата. Но, таа не е само линија од хоризонтот. Таа е основа за градење на емоцијата и чувството да се биде човек во просторот што е насликан. Бојата, овој пат гори во хоризонталната композиција. Таа е силно црвено небо, темно обоено вино и силна влажна почва…“ ќе истакне авторката кон изложбата.

Со ова претставување, Друштвото на ликовни уметници на Македонија повторно ја отвора Галерија 8, Безистен во Старата скопска чаршија во која еднаш месечно негови членови – уметници ќе имаат можност да се претстават пред јавноста. Тоа беше и заложбата на новиот тим на ДЛУМ и претседателот Филип Фидановски ликовната асоцијација да добие свој галериски простор по 73 години.