Скопските советници ги усвија Годишната сметка и Годишниот извештај за 2020 година

48

Советниците на денешната седница на Советот на Град Скопје со 26 гласа „за“, 12 против и двајца воздржани ја донесоа Предлог-годишната сметка на буџетот на Град Скопје за 2020 година и го усвоија Годишниот извештај на Град Скопје за 2020 година, кој ќе се достави до градоначалникот на Град Скопје и до Секторот за финансиски прашања.

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов го образложи Годишниот извештај на Град Скопје за 2020 година и рече дека во буџетот на Град Скопје за 2020 година, за сите сметки од кои е составен, остварените приходи и други приливи се во износ од 6.044.759.756 денари со процентуално остварување од 76,7 отсто.

Советникот Михајло Маневски процедурално истакна дека постојано на седниците на Советот на Град Скопје се предлага нешто важно и праша која е итноста од ставање точки на дневен ред. Според него, никогаш не се образложува итноста на предлогот, се работи крајно незаконски и неприфатливо, не се почитува Деловникот за работа на Град Скопје и се користи мнозинството.

На седницата се вклучи и советничката Јелена Жугиќ која процедурално замоли седниците да се водат повнимателно и рече дека не е во ред овој начин на работа. Додаде дека на сите пратеници им е отежната работата зошто се работи онлајн, особено на советниците од опозицијата.

Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева посочи дека советниците треба максимално да внимаваат и на време да се пријавуваат ако сакаат збор и да го почитуваат времето.

И советничката Ирена Попова побара поголемо трпение и повтори дека  советничката група на ВМРО-ДПМНЕ скоро секоја седница укажува дека треба да одржуваат седници со физичко присуство, а не онлајн. Според неа, ова се негативните појави од онлајн работењето и апелираше да се врати  точката на дневен ред и советниците кои се пријавиле да си го искажат својот став. Според неа, крајно недолично, недопустливо и безобразно е однесувањето на претседателката на Советот кон советниците.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ имаше забелешки и за Одлуката за примање на донација на проектно-техничка документација за објект ЈУ „Универзална сала“ – Скопје. Со оваа одлука Град Скопје прима донација од Друштво за проектирање, инженеринг и услуги „Мегарон инженеринг“ ДОО Скопје, која се состои од проектно-техничка документација за „Универзална сала“ – Скопје. Проценетата вредност на донацијата изнесува 5.428.000,00 денари со вклучен ДДВ.

Жугиќ праша зошто по толку време чекање за реконструкција на Универзална сала, чинот на реконстрирање да се направи со донација, а не со јавен тендер на кој, како што рече, сигурно ќе се пријават многу повеќе од еден кандидат кој ќе сака да  понуди идејно решение за проектно-техничка документација.