Скопската Цементарница веќе не загадува

150

Скопската Цементарница Усје постапила по задолженијата што и ги даде Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и според последните контролни мерења на емисиите е утврдено дека истите се во рамките на граничните вредности.

– Правниот субјект постапи по издаденото Решение во инспекциска постапка од страна на Државен инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Скопски регион при што во двата котли за парно греење со моќност од 4,2 МW во котларата за загревање на фабриката, отпочна со користење природен гас како гориво. Исто така, беа извршени мерења на емисија на гасови од емитерот-оџакот на парниот котел со акредитирана лабораторија за животна средина. Од пристигнатиот извештај е утврдено дека нема евидентирано надминување на граничните вредности на емисија – информираа од ДИЖС.

Усје постапил и по второто барање на Инспекторатот и реализирал мерења на 8 емисиони точки согласно А-ИЕ Дозвола од сите производни делови кои се во работен режим со две акредитирани лаборатории за животна средина. Останатите 4 мерни места поради редовен годишен ремонт на ротациона печка 4, и придружни работни единици, ќе се мерат дополнително.

– Врз основа на пристигнато барање од страна на Канцеларијата на Народниот Правобранител на РСМ (Заменик НП), во тек е подготовка на информација со барани податоци за работењето на правниот субјект Цементарница Усје која ќе биде доставена до барателот во законски утврдениот рок – потенцираат од Инспекторатот.

И покрај тоа што фабриката за цемент постапила по барањата на Инспекторатот и повеќе не загадува, сепак за сторениот прекршок – загадување на амбиенталниот воздух  што беше утврден пред повеќе од еден месец, ќе плати парична казна, согласно законот, а висината ќе се знае по завршувањето на постапката за спогодување која почна завчера пред Комисијата за спогодување на Министерството за животна средина.

Според објаснувањето од ДИЖС, во случајот со Усје Инспекторатот постапил согласно законот како и во претходние такви случаи, односно дека е поднесена прекршочна пријава со што се бара спогодување за казна од трета категорија за што паричниот надомест е во висина од 180.000 до 200.000 евра, како и казна за управителот од 10.000 евра. Во случајот со Усје прво се оди на спогодување, а потоа на спроведување на решението и доколку уште еден пат се случи Цементарницата повторно да направи такво загадување, тогаш се покренува кривична постапка и одземање на „А“ дозволата.

(С.Бл.)