Скопската фирма „Adventure side“ единствена на јавното наддавање за стопанисување со Адреналинскиот парк

1486

Општина Карпош немаше информации дали наведената фирма е избрана да стопанисува со адреналинскиот дел на паркот и колку ќе изнесува закупнината, а воедно оттаму наведоа дека треба да помине и рокот за жалби и приговори кога и официјално ќе биде објавено. Според огласот на Општина Карпош, за избор на фирма која ќе стопанисува со адреналинскиот дел на паркот во Карпош 4, што го распиша на 20 јули, а траеше до 29 јули 2021 година до 12 часот, висината на почетна цена за месечна закупнина изнесува 67.771 денари, а периодот за давање под закуп на деловниот простор е четири години

Само една фирма била пријавена која ги исполнува условите да учествува на денешното јавно електронско наддавање распишано од Општина Карпош, за давање под закуп на спортско-адреналинскиот парк што се наоѓа на потегот помеѓу улицата „Љубљанска“ крак и булеварот „Илинден“, со димензии 80х20 метри со површина од 1.600 квадратни метри.

Станува збор за Друштвото за трговија и услуги „Adventure side“ ДОО Скопје која ги исполнува условите од јавниот повик за избор на фирма која ќе стопанисува со адреналинскиот дел на паркот во Карпош 4, што го распиша Општина Карпош на 20 јули, а траеше до 29 јули 2021 година до 12 часот, до кога требаше да бидат поднесени пријавите со потребните документи, за заинтересираните фирми да можат да учествуваат на електронското јавно наддавање што се одржа денеска на интернет-страницата www.e-stvari.mk.

Инаку, претходно имало пријавена и друга фирма, но таа ги немала прикачено потребни документи за учество, поради што веднаш била елиминирана.

Општина Карпош немаше информации дали наведената фирма е избрана да стопанисува со адреналинскиот дел на паркот и колку ќе изнесува закупнината, а воедно оттаму наведоа дека треба да помине и рокот за жалби и приговори кога и официјално ќе биде објавено.

Според огласот на Општина Карпош, висината на почетна цена за месечна закупнина изнесува 67.771 денари, а периодот за давање под закуп на деловниот простор е четири години.

Закупнината закупецот се обврзува да ја плаќа во првата година шест месеци, а во втората, третата и четвртата година седум месеци во текот на годината, а во останатиот период е должен да ги подмирува трошоците за одржување на објектот.

Одлуката, адреналинскиот парк на кејот на реката Вардар во скопската населба Карпош 4, Општина Карпош ја донесе на седница на Советот која се одржа на почетокот на април годинава.

Одлуката за започнување постапка за давање под закуп на дел од паркот, се однесува единствено за адреналинскиот дел (High rope). Другите содржини остануваат слободни за користење, без наплата на влезница. Влезот во  адреналинскиот дел од паркот, заради неговата специфичност, но и предвидени годишни трошоци ќе се наплаќа.

Како што објаснија тогаш од локалната самоуправа, адреналинскиот дел е најсоодветно да се издаде под закуп на правно лице, кое ќе ги исполни условите за непрекинато и правилно функционирање на паркот, кое пак од друга страна ќе обезбеди безбедност на лицата кои ќе го користат паркот.

-Адреналинскиот дел е специфична содржина, каде што корисниците, граѓаните ќе треба да бидат соодветно насочени и информирани како да се рекреираат во овој дел, а притоа и да се гарантира нивната безбедност. Самата опрема на High rope (адреналински дел) и сите дополнителни работи бараат посебни услови за управување и чување, како и ангажирање на лица со лиценца кои ги разбираат сите стандарди и безбедносни мерки за управување со паркот – потенцираа од Општина Карпош.

Годишните трошоци за адреналинскиот дел ќе ги сервисира избраниот правен субјект, и тоа: материјали за одржување и опрема: 265.000 денари; меѓународна инспекција (EN15567): 185.000 денари, осигурување на карти (за надомест на трошок во случај на повреда): 88.000 денари, плати за минимум пет вработени (кои ќе работат со корисниците, ќе им прикачуваат опрема и ќе ги информираат): 1.900.000 денари.

Најголемиот дел од овој проект е финансиран од грант од Европската Унија, кој се администрира преку Светска банка. Грантот е во износ од 48.000.000 денари, а локалната самоуправа има учество со 6 милиони денари.

(А.П.)