Животен сон на секој спортист е настап на најголемото спортско натпреварување –олимпијада или светско првенство. На такво нешто се надева и младиот македонски скијач Влатко Анастасоски (18), кој неодамна доби стипендија на еден од најдобрите факултети во Македонија – Европски универзитет.

Репрезентативецот на Македонија, кој ги брани боите на ски-клубот „Фокс“, во својата досегашна кариера има освоено бројни награди и признанија, а воедно е и државен шампион.

Како и секогаш, Европски универзитет и овој пат знаеше да ги препознае квалитетите на најдобрите и да ги награди со стипендија за усовршување на нивното знаење. Токму поради тоа, стипендистот Анастасоски ги откри за весникот ВЕЧЕР понатамошните планови околу скијачката кариера и предизвиците што му претстојат, како и комбинацијата со обврските околу скијањето и студирањето. Тој додаде дека во наредниот период, ќе му даде приоритет на школувањето, но, исто така, нема да се откаже од својата спортска кариера, која води кон светла иднина.

ФОТО: Ѕвонко Плавевски

На почеток, откри како дошло до тоа да стане стипендист на еден од најдобрите факултети во Македонија.

  • Сè беше случајно. Имав огромна желба да студирам информатика и сега едвај чекам да почнам да одам на предавања. Како за почеток, многу ми е интересно. Во иднина, фокусот ќе го ставам на факултетот, тоа ми е приоритет, но нема да го запоставам скијањето – започна Анастасоски.

Гостиварецот откри и како се родила љубовта кон скијањето.

  • Уште на најрана возраст, на три години, татко ми, кој е инструктор по скијање, ме качи на скии. Така се роди љубовта кон скијањето кај мене. На само 10 години се појавив на првото натпреварување во Маврово, каде што го освоив првото место. Потоа почнав да тренирам поредовно и така желбата за скијањето ми беше сè поголема. Минатата година, имав неколку натпревари низ цела Европа, исто така настапив на Светското првенство во Италија. Но, за жал, поради пад на патеката, останав без место во генералниот пласман. Конкуренцијата беше огромна, најдобрите беа таму и можам да кажам дека нашата земја има најголема перспектива во споредба со соседните земји. Доказ за тоа е што на натпреварувањето во Италија бевме само четворица скијачи од нашата земја, а еден од нив (Дардан Дехари) обезбеди олимписка норма за Пекинг – истакна Анастасоски.

Сепак, Влатко Анастасоски е далеку од времињата на најдобрите скијачи во светот.

  • Но, немаме времиња и со најдобрите скијачи во светот. Нивните времиња се далеку подобри од нашите. Главен проблем се финансиите, како и патеките на кои можеме да тренираме во Македонија. Затоа, сè почесто ги извршуваме тренинзите во Австрија, пред сè затоа што таму има снег во текот на целата година, нешто што ни е неопходно во текот на летото. Во нашата држава има квалитетни скијачи, што особено ме радува и ми дава мотив плус да напредувам. Има иднина кога е скијањето кај нас во прашање, но, исто така, пред сè, зависи од посветеноста на самиот скијач, кој мора да биде упорен за да ја постигне посакуваната цел. Факт е дека нема доволно патеки за професионално скијање, кои ги користат, пред сè, рекреативците, па затоа сме ограничени околу тие ресурси. Повторувам, финансиите се главниот проблем – вели скијачот.

Како и во секој спорт, режимот на исхрана уште како има влијание врз постигнувањето врвни резултати.

  • Се придржувам кон здравата исхрана иако мора да признаам дека понекогаш знам да се опуштам. Забавите со пријателите ми се сè поретки поради професионалните ангажмани околу скијањето, секако и факултетот, исто како и алкохолот и брзата храна, која речиси и да ја нема во моето секојдневно мени. Исто така, постојано пешачам, возам велосипед, одам во вежбалница, сè со цел да останам во посакуваната форма. Додека сите одат на летен одмор, уживаат на песочни плажи, јас барам алтернатива да одам на скијање во ледените земји – заврши Анастасоски.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ