Скарлет Јохансон се омажи

811

Една од најубавите холивудски актерки Скарлет Јохансон по трет пат заплови во брачните води. И покрај пандемијата на коронавирусот, таа му кажа „да“ на нејзиниот свршеник, комичарот Колин Јост, со кого е во врска веќе три години.

Скарлет и Колин се венчаа минатиот викенд на мала свечена церемонија само со блиски членови на семејството и пријатели. Среќната вест на Инстаграм ја сподели организацијата „Meals on Wheels America”, која се грижи најсиромашните граѓани да не бидат гладни и им помага на постарите граѓани во изолација.

– Воодушевени сме што можеме да ја споделиме веста дека Скарлет Јохансон и Колин Јост се венчаа минатиот викенд на мала церемонија во семејниот круг, почитувајќи ги епидемиолошките мерки. Нивната желба на денот на нивната венчавка беше да им помогнат на најранливото население и  на повозрасните граѓани во овие тешки моменти, обезбедувајќи ни поддршка, се наведува во соопштението.

Јохансон и Јост се свршија во мај 2019 година по две години врска. За комичарот од шоуто Saturday Night Live, ова е прв брак, а трет за 35-годишната актерка. Скарлет беше во брак две години со актерот Рајан Рејнолдс и три години со Французинот Ромен Дауриак со кого ја има ќерката Дороти Роуз.