Скапотијата што ги празни сметките на работниците, од септември ќе ги полни улиците

Протести најавуваат и Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на синдикални организации, која повикува на заедничка акција. Синдикатите бараат и седница на Економско-социјалниот совет на која трипартитно, заедно со работодавците, ќе се донесе одлука за пресретнување на кризата. Инаку, ЕСС последен пат се состана на 1 мај

446

Синдикатите најавуваат жешка есен, револтирани од игнорантскиот однос на Владата кон проблемите на вработените и воопшто кон граѓаните, кои под притисок на галопирачката инфлација се загрижени за својата егзистенција.

Сојузот на синдикатите на Македонија, кој го менаџира штрајкот на вработените во јавниот сектор што трае речиси три месеци, најави дека од септември ќе ги радикализира активностите. Претседателот на овој најголем синдикален сојуз во државата, Дарко Димовски, изјави дека ќе се чека до септември, зашто тогаш истекува законскиот рок од шест месеци сите плати во државата да се усогласат со зголемувањето на минималната.

– Од септември ќе ги радикализираме активностите ако не се случи покачување и ќе ги повикаме сите работници од двата сектора да излеземе на улица, зашто не знаеме што ќе се случи. Се најавуваат енергетска криза, штедења, поголема инфлација. Моментално штрајкот е во јавниот сектор. Не бараме веќе 2.806 денари, тоа го баравме од 1 мај, не се случи, сега бараме зголемување по закон од 18,4 проценти. Ќе радикализираме и сите нека го сфатат ова сериозно. Не гледаме друг спас освен да се побуниме. Во ребалансот нема предвидено пари, од ракав се делат пет, десет проценти за да се прескокне ова законско решение – изјави тој.

Штрајкови и протести за есенва најави и Конфедерацијата на синдикални организации, која побара итни мерки од државата за спречување на економската криза.

– Од кризата најмногу страдаат работниците затоа што производите се неколкукратно поскапени, а се земаат исти плати, кои најчесто се прениски. Апелираме и до останатите синдикати на национално ниво, да седнеме и заеднички да донесеме став. Доколку ни се приклучат, ќе бидеме уште посилни како работници. Доколку не сакаат да ѝ се приклучат на нашата иницијатива, ние веќе донесовме одлука. Ќе правиме штрајкови и протести, а за датумот дополнително ќе известиме – истакна претседателот на КСОМ, Марјан Ристески.

Додека Владата најавува за есенва нов антикризен пакет мерки, кој за разлика од претходните ќе ги опфати само граѓаните најтешко погодени од кризата, синдикалците бараат итна седница на Економско-социјалниот совет, каде што трипартитно, заедно со работодавците, ќе се одлучи кое е најдоброто решение за да се пресретне кризата. Димовски вели дека дијалог во ЕСС нема од 1 мај, кога за време на синдикалниот протест имало една средба и било ветено, но не и реализирано, зголемување на сите плати за 2.806 денари.

Синдикатите се дополнително револтирани и од најавата на министерот за финансии дека на повидок е даночна реформа.

– Досега, на Економско-социјалниот совет се зборувало за даночни политики, но по 1 мај дијалогот исчезна. Никако не е време за даночна реформа, можеби да за прогресивен данок – вели Димовски, кој смета дека вака како што е најавена, даночната реформа ќе удри по џебот на посиромашните граѓани.

Тој и останатите синдикални лидери ја повикуваат Владата итно да преземе мерки, загрижени од иселувањето на граѓаните. Особено, како што вели Димовски, со Отворен Балкан многу работници ги подготвиле куферите за да градат туѓи економии.

Како што е познато, ССМ подготвува и тужба против државата за незголемување на платите како што е законски предвидено, која најдоцна за десетина дена треба да ја предаде до домашен суд. Исто така, се подготвува и тужба што ќе се достави до Советот на Европа во која синдикалците ќе се повикаат и на меѓународни конвенции. (С.В.)