Скандал во Полска: Угледен обвинител гол и пијан излегол надвор да си купи пиво

106

Мациј(38), кој важел за угледен обвинител во Свидница во Полска, грчевито се држел за пакетот лименки пива додека се тетеравел наоколу “како од мајка роден”

Обвинителот од полскиот град Свидница, кој е идентификуван како Мациј В. е суспендиран од својата позиција откако пијан излегол на улица, а потоа отишол во продавница по алкохол насред бел ден.

Мациј(38), кој важел за угледен обвинител во Свидница во Полска, грчевито се држел за пакетот лименки пива додека се тетеравел наоколу “како од мајка роден”. Секако, многумина го искористиле ова за да ги документираат тие моменти, па несреќниот обвинител и неговата гола позадина станале вирални.

Очевидци рекле дека откако земал пиво и го платил во продавницата, излегол на улицата и шетал бесцелно додека луѓето не повикале полиција која го уапсила поради непримерно однесување во јавност – поточно, поради тоа што бил гол. По апсењето се јавиле кај неговото семејство и го предале во нивни раце.

Мациј, како што пренесуваат полските медиуми, во време на инцидентот бил на одмор, што не ги ублажило последиците по неговата работа. Тој моментално е суспендиран, а му се заканува и отказ. Мациј е обвинител веќе десет години, а во Свидница работи од 2016-та.

“Дисциплинската казна за јавниот обвинител може да биде предупредување, намалување на плата, парична казна, отстранување од позицијата, трансфер на друго место или целосно губење на работата”, рекол портпаролот на обвинителството.