СКАНДАЛОЗНО, каде одат парите од Националната програма: Култура е за фризура, не за литература?!

142

Скопскиот џез-фестивал и фестивалот “Оффест„, се отфрлени на конкурсот, што значи дека под знак прашалник се доведува нивното одржување. Наспроти ова Фестивалот на мода, убавина и фризура “Hair fair 2019” од областа на интердисциплинарна дејност доби 250.000 денари. Од издавачката куќа “Или-или„, пак, имаа забелешка во однос на новата пракса во техничките процедури кои довеле до тоа наместо 9 книги како што одобрила комисијата, правната служба да им признае само една

 

“Таканаречената Национална програма за култура за 2019 е огледало на националните политики во државата… Македонските национални интереси на секој план се погазени, вклучително и во културата и уметничкото творештво…” вели меѓу другото во својот пост објавен на социјалните мрежи академик Катица Ќулавкова, веднаш по објавувањето на Годишната програма на Министерството за култура и резултатите од годишните конкурски за проекти од национален интерес во културата за 2019.

Таа понатаму додава ” Системски е проблемот, не е случаен и парцијален, следствено – само темелна промена на системот може да го осуети натамошното уривање на македонските национални интереси”… Програмата предизвика бурни реакции и кај писателите и издавачите, кои со свој пост ја коментираа поделбата на средствата во делот на издавачка дејност и литературата.

“Добро утро, културо! Благодарам за довербата и за едната третина од бараното, но јас нема да бидам соучесник во ова. Како и многупати досега, книгата ќе си ја издадам и ќе си ја промовирам сама. Поздрав до сите од “дис бјутифул кантри Апсурдистан„, напиша Елизабета Баковска. Од издавачката куќа “Или-или„, пак, имаа забелешка во однос на новата пракса во техничките процедури кои довеле до тоа наместо 9 книги како што одобрила комисијата, правната служба да им признае само една, бидејќи пријавите ги ставиле во еден голем коверт.

Реакции доаѓаат и од музичкиот свет. Скопскиот џез-фестивал и фестивалот “Оффест„, се отфрлени на конкурсот, што значи дека под знак прашалник се доведува нивното одржување.

Отфрлени биле и сите предложени проекти на “Авалон продукција”, за што реагираат бројни и долгогодишни музичари и организатори на културни манифестации. Наспроти ова фестивалот на мода, убавина и фризура “Hair fair 2019” од областа на интердисциплинарна дејност доби 250.000 денари.

 

Издавачката дејност и литературата
Во делот на издавачката дејност и литература годинава се поддржани 502 проекти
на национални установи и други институции. Така, Струшките вечери на поезијата во овој дел доби најмногу стредства околу 10 милиони денари, додека веднаш зад СВП, иста сума, по 1,25 милиони денари, ќе добијат летната школа за Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје и за 23. едиција на Меѓународен поетски фестивал “Денови на Наим# -Тетово.

Музичко -сценска дејност

И кај МОБ и кај Македонската филхармонија најмногу средства се распределени за инструменти. Од средствата за премиери во МОБ најмногу се одобрени за подготвување на претставите “Аида” и Скендербег” -по 3,5 милиони денари, додека Македонската филхармонија најмногу ќе добие за проектите “Филхармонија на отворено” и “Седма уметност” по 2 милиони денари. Во однос на проектите одобрени од центрите за култура, најмногу средства доби Центарот за култура “АСНОМ# од Гостивар – 200.000 денари за одбележување на 20 години на егзодусот на косовските Албанци. Во делот, пак, на правните лица од оваа област најмногу пари годинава има добиено Здружението “Артал# од Тетово, вкупно 3,5 милиони денари или 56 илјади евра за фестивал “Меридианс# и за концерт „Класик и рок мјузик“. Наспроти ова, скопскиот “Таксират# добил само 500 илјади денари, иако барале 6 милиони. Исто толкава сума колку и “Таксират” добило здружението “Елизиум# со концерт со млади во Тетово.

Драмска дејност
Што се однесува до драмската дејност, најмногу финансиски средства има добиено претставата “Палачи“ во режија на Јавор Грдев на МНТ 4 милиони денари, втора е претставата “Балкан Балкон“ во режија на Арбен Кумбаро на Албанскиот театар со 2,9 милиони денари, додека третото место го делат претставите “Додека смртта не не раздели“ во режија Куштрим Колиќи, исто на Албански театар и “Натан мудриот# во режија на Сулејман Рушити на Гостиварскиот театар – двете со по 2 милиони денари. Од режисерите најмногу ќе поставуваат Нела Витошевиќ (три претстави, во МНТ, Драмски и ТДМ со вкупен буџет од 3,4 милиони денари), Васил Христов (две претстави, во МНТ и Турски театар со вкупен буџет од 2,6 милиони денари), Владимир Милчин (две претстави во Драмски и Велешки театар со вкупен буџет од 2,6 милиони денари), Куштрим Бектеши (две претстави, во Тетовски и Кумановски театар со вкупен буџет од 2,6 милиони денари), Андреј Цветановски (две претстави во Гостиварски и Кумановски театар со вкупен буџет од 2,05 милиони денари)… Инаку, за свечено отворање на Албанскиот театар во Скопје се уште не се знае колку пари ќе се доделат бидејќи проект дополнително ќе биде доставен и одобрен од страна на Министерството за култура…

Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа сите пристигнати пријави по одделни дејности се: Леонора Сејдиу (интердисциплинарна дејност), Плеурат Гаши (фолклор, музичко-сценска дејност), Бертон Сулејмани (издавачка дејност), Петар Арсовски (драмска дејност), Трајче Блажевски (визуелни уметности), Миле Велчовски (недвижно културно наследство), Мила Шурбановска (музејска дејност и нематеријално културно наследство), Вилдане Идризи (библиотечна дејност).

Со оглед дека секоја година објавувањето на резултатите предизвикува бројни реакции кај оние кои не ги добиле очекуваните средства или сметаат дека се неправедно оштетени, од Министерството за култура додаваат дека по добиеното решение во рок од 15 дена може да упатат жалба до Државната комисија.

Поддржани проекти кои го стимулираат креативниот и уметничкиот потенцијал

Од Министерството за култура, пак, посочуваат дека при одлучувањето за проектите се водеше сметка за соодветно проектирање на приоритетите, во насока на поддршка на проекти и активности кои го стимулираат креативниот и уметничкиот потенцијал на сите граѓани на Република Македонија, независно од нивната етничка, верска, идеолошка, политичка, социјална, родова и старосна припадност. На објавените Годишни конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година пристигнаа 5560 пријави, а комисиите предложија поддршка за 2781 проект.
“Поддржани се издржани и добро аргументирани проекти, конципирани со квалитетни уметнички содржини, проекти преку кои се негува и поттикнува културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој. Значајна поддршка е дадена и на проектите преку кои се промовираат еднакви можности за сите (мултикултурни вредности во општеството, родова рамноправност, инклузија на лица со посебни потреби, социјално ранливи групи итн.)”, истакнуваат од Министерството за култура.