Ситуацијата со Ериксен не смееше да се случи

157

Контроверзниот менаџер на лондонскиот премиерлигаш Тотенхем, Жозе Мурињо, призна дека е исфрустриран поради трансфер сагата на данскиот интернационалец Кристијан Ериксен. Иако сите италијански медиуми ја пласираа и информацијата дека калчо гигантот Интер постигнал договор со Тотенхем околу обештетувањето на Ериксен, одличниот играч за врска се уште е во Лондон.

Италијанските медиуми открија дека „нероазурите“ ќе потрошат 20 мил. евра за обесштетувањето, а Данецот во следните неколку години ќе има годишна плата од 10 мил. евра.

Трофејниот португалски стручњак потенцираше дека тоа што се случува со трансферот на Ериксен е нешто неприфатливо кога е во прашање финишот од зимскиот преоден рок. Репрезентативецот на Данска ги одби сите понуди за продолжување на соработката со „петлите”.

  • Само сака да кажа дека една ваква ситуација не смее да се случи на 25 јануари! Исто така сакам да кажам дека Тотенхем не е виновен затоа што сме во една таква ситуација на 25 јануари. Кога е во прашање Ериксен, јас откако сум именуван за менаџер на Тотенхем, Кристијан се однесува многу добро, тој е вистински професионалец како со мене, така и со останатите тимски колеги. Тотенхем е последниот кој треба да биде обвинет за ваквата ситуација, но не е убаво што ова се случува на 25 јануари, изјави „специјалниот“.

Поранешниот фудбалер на холандскиот гигант Ајакс на крајот од актуелната сезона ќе има статус на слободен играч и поради таквата ситуација лондонскиот премиерлигаш сака да се ослободи од неговите услуги веќе во јануари и да заработи околу 20 мил. евра на неговото обесштетување. Освен Интер, голем интерес за неговите услуги покажаа и раководните лица на Манчестер Јунајтед, Реал (М), Јувентус и ПСЖ.