Ситуацијата во Србија е КАТАСТРОФАЛНА: Земјата делумно да се затвори на 10 дена, бара епидемиологот Кон

110

Ситуацијата со коронавирусот во Србија е катастрофална, изјави српскиот епидемиолог, Предраг Кон, кој е и член на Кризниот штаб за справување со коронавирусот. Епидемиолошката ситуација во земјата е најлоша од почетокот на коронавирусот.

Се бележат рекорди и во новозаразени и во починати на дневно ниво, иако речиси 60% од населението е вакцинирано со две дози, а почна и вакцинирање со трета доза.

Епидемиологот Кон предлага земјата да се затвори делумно на 10 дена.

„Ставот кој ќе го застапува медицинскиот дел е затворање на 10 дена. Се подразбира да се намалат контактите. Да биде отворено само тоа што е потребно, а другото да биде затворено 10 дена“, рече Кон.

Тој рече дека медицинскиот дел од штабот имал консултации со премиерката Ана Брнабиќ и дека не гледа подобрување, поради што се надева дека односот кон епидемиолошката состојба ќе се смени.

„Имавме консултации, ние од медицинскиот дел инсистираме на спроведување на претходно предложените мерки. Не видовме подобрување за 12 дена. Можеби се стабилизира состојбата, но ние сме на катастрофално ниво и тоа не е вистинско подобрување. Не се подобри ниту опфатот на имунизација, од ден на ден се вакцинираат луѓе, но тој број би требало да биде десет пати поголем. Во таква атмосфера, ќе има нови состаноци на Кризниот штаб и искрено се надевам дека ќе има промена“, рече Кон и додаде дека епидемиолошката состојба е вонредна и катастрофална.

„Се согласуваме само дека трајниот излез е вакцинацијата“, рече тој.

Србија веќе втор месец влегува во период во кој има преку 6000 заразени дневно, а таа бројка во еден момент отиде и над 8000. Ситуацијата е лоша, нема места во болниците, и за хоспитализирање се чека по неколку часа.