Сите се на продажба освен Гаје

113

Сите фудбалски клубови имаат финансиски проблеми поради пандемијата со коронавирусот, но во Шпанија, убедливо најпогоден е тимот на Валенсија. Популарните „лилјаци“ изминатата сезона ја завршија на деветтото место и не обезбедија пласман на европската клупска сцена. Поради ригорозните мерки, натпреварите на „Местаља“ беа играни без присуство на публика, а поради големите финансиски загуби, клупските челници донесоа одлука дека мора да се штеди на секаков можен начин.

Шпанскиот весник „Марка“ пишува дека раководните лица веќе го информирале шефот на стручниот штаб дека за време на летниот преоден рок целиот тим ќе биде на продажба, освен левиот бек, Хозе Гаје, кој треба да се задржи на „Местаља“.

Валенсија веќе го продаде најдобриот фудбалер, Феран Торес на Манчестер Сити за 25 мил. евра, а Франсис Коклин е продаден на Вилјареал за 8 мил. евра. Во истата насока се упати и искусниот играч за врска, Дани Парехо, кој не сакаше да ја продолжи соработката со „лилјаците“ и си замина како слободен фудбалер.

Иако клубот заработи пристојна парична сума од продажбата на фудбалерите, клупските челници потврдија дека и понатаму сите останати се на продажба.

  • Се подготвуваме за тешките времиња кои се пред сите клубови, а не само пред Валенсија. Следната сезона ќе биде многу тешка, а каква корист може да има некој од клуб кој е пред банкрот? Мораме трошоците да ги сведиме на минимум и мора да му овозможиме на клубот финансиски да функционира, изјави клупскиот претседател, Анил Мурти.