Сите се крстат во поголемо мнозинство, едни да останат, други да дојдат на власт!

Локални избори со парламентарни комбинаторики. Претседателот на ДПА, Тачи, продолжува со најавите на крупни промени во структурата на албанскиот политички блок (Беса ќе се спои со СДСМ, Алтернатива ќе стане дел од ДУИ, а Алијанса од ДПА), која, според него, ќе се случи веднаш по вториот круг од изборите. Овие најави засега не добија потврда од опозициските Алтернатива и Алијансата за Албанците, кои ја повикуваат Беса да ја напушти Владата за да создадат ново парламентарно мнозинство. Но, кандидатот за градоначалник на општина Тетово и претседател на Беса, Касами засега се фокусира повеќе на локалните избори и според него Владата има легитимитет до крајот на мандатот

111

Ќе се зголеми владиното мнозинство или ќе се формира ново мнозинство во Собранието, ова прашање полека станува главно, а јавноста одговорот ќе го добие по вториот круг на локалните избори, кои сè повеќе наликуваат на парламентарни. Лидерот на опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, понесен од одличните резултати во првиот круг, позасилено најавува ново парламентарно мнозинство, а лидерот на владејачката коалиција на СДСМ, Заев, пак, зголемување на веќе постоечкото.

Владејачкото мнозинство во моментов има 62 пратеници. Коалицијата на СДСМ има 46 пратеници (СДСМ- 30, БЕСА – 4, НСДП – 2, ЛДП – 2, а по еден имаат ДОМ, ВМРО – НП, Демократскиот сојуз, Партијата на пензионери, Српската странка во Македонија, Партија за движење на Турците, Демократска партија на Турците и еден независен), ДУИ има 15, а ДПА 1 пратеник – Мендух Тачи. Опозицијата има 58 пратеници. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има 44 пратеници(ВМРО-ДПМНЕ – 40, Социјалистичката партија – 2 и по еден на ГРОМ и Демократската партија на Србите), коалицијата Алијанса/Алтернатива 12 пратеници(АА – 8, Алтернатива – 4), а Левица има 2 пратеници.

Деновиве сме сведоци на бројни изјави кои наведуваат за нови договори и промена на односот на силите во Собранието, а веројатно најмногу бура создадоа изјавите на  претседателот на ДПА, Мендух Тачи, кој најавува крупни промени во структурата на албанскиот политички блок, која според него ќе се случи веднаш по вториот круг од изборите в недела.

„Во последните пет години многу се инвестираше во Македонија и тие нема да дозволат оваа влада да падне толку лесно. Ќе видите во понеделник – Беса ќе се спои со СДСМ, Алтернатива ќе стане дел од ДУИ, а Алијанса од ДПА,“ изјави тој вчера  на ТВ21. Тој додаде дека премиерот Зоран Заев „сè уште има голема поддршка на меѓународната заедница“ и оти тоа е една од причините поради кои Владата и мнозинството во Собранието се стабилни.

Но, овие најави засега не добија потврда од опозициската Алтернатива. Висок функционер на Алтернатива во изјава за МКД.мк вчера ги отфрли ваквите изјави, истакнувајќи дека „Мендух Тачи не е релевантен, како што не се релевантни ниту неговите изјави“.

И договорот за поддршка во вториот круг на локалните избори на Беса и Алијансата за Албанците (АА) ги зголеми претпоставките за можни постизборни промени на собраниското мнозинство.

Но, кандидатот за градоначалник на општина Тетово и претседател на Движењето Беса, Биљал Касами, вчера изјави дека сега се фокусира повеќе на локалните избори наместо на калкулациите за промените во Владата. Според него, Владата има легитимитет до крајот на мандатот.

„Легитимитетот на оваа влада е од 2020, од парламентарните избори и јас лично ценам дека тоа треба да биде до крај на мандатот, за сè друго, јас исто сум рекол дека по изборите ќе има рефлектирање кај самите партии согласно резултатот од локалните избори. Секое форматирање на Владата нема да биде само од локален интерес. Македонија има стратешки партнери како што се Вашингтон и Брисел. Тоа мора да биде во блиска соработка со овие центри“, истакна Касами.

Но, ова мислење не го дели Алијанса за Албанците(АА), со која Беса склучи договор за поддршка во вториот круг на локалните избори во Тетово и Гостивар. Потпретседателот на АА, Арбен Таравари, истакна дека даваат поддршка на сите кандидати што се борат против ДУИ за да ги симнат од власт.

„Ние и натаму тврдиме дека ДУИ треба да падне од секоја власт. Се надеваме дека Движењето Беса навистина има за цел да се одвои од злото, но потсетуваме дека тоа се прави само доколку ДУИ биде целосно отстранета од власта и создадеме ново парламентарно мнозинство“, нагласи Таравари.

И Алтернатива вчера ја повика Беса дека ќе треба да ја напушти Владата на Заев доколку сака да добие нивната поддршка во вториот круг на локалните избори во Тетово.

„Беса и нивниот кандидат за градоначалник на Тетово, Биљал Касами, сакаат да добијат поддршка од Алтернатива и да ја добијат најсилната позиција во овој град, но и да останат во Владата. Така не може. Нека излезе Беса со изјава пред јавноста да соопшти дека ни се приклучува во создавање на ново парламентарно мнозинство, па тогаш да очекува ние да ги повикаме нашите членови и симпатизери да гласаат за Касами”, изјави за МКД.мк висок функционер на Алтернатива.

Сите овие можни комбинаторики ќе дадат одговор какво ќе биде новото мнозинство во Собранието и кој ќе го предводи, земајќи ја предвид изјавата на премиерот  и лидер на СДСМ, Зоран Заев, кој во неколку наврати ја најави можноста да се повлече од премиерската позиција доколку владејачката коалиција изгуби во вториот круг, при што ја истакна победата во Скопје како клучна за да продолжи да ја води Владата.

(И.С.)