EPA-EFE/JASON SZENES

Кошаркарот на Бруклин, Кевин Дурент, би можел да ја продолжи кариерата во тимот на Мајами.

Бруклин нетс, по само 13 месеци, би можел да остане без сите три големи ѕвезди. Харден замина прв, Кари Ирвинг, исто така, беше разменет во Далас, а се чини дека наскоро ќе замине и Дурент. Иако прво беше наведено дека негова следна дестинација ќе биде Феникс, најверојатно, ќе се пресели на Флорида.

Како што пренесува „Мајами хералд“, тимот на Мајами ќе тргне по него. Сè зависи од Кајл Лаури, односно дали ќе го разменат денеска, бидејќи до 9 февруари истекува рокот за трансфери во НБА-лигата.

Овие изјави треба да се земат со резерва со оглед на тоа што доаѓаат од тамошните медиуми, како и тоа што Мајами претходно се интересираше за услугите на Дурент кога побара тој да биде разменет, само за ништо потоа да не се случи.

Дурент игра во одлична форма. За Нетси, оваа сезона има просек од 29,7 поени, 6,7 скока и 5,3 асистенции на натпревар, па очигледно е дека повеќе клубови се заинтересирани за неговиот потпис.

Не е исклучена можноста тој да премине и во некој од евролигашките клубови, особено ако се знае дека Мајк Џејмс, кошаркарот на Монако, јавно го повика да му се приклучи на тимот од Кнежеството.