Сите имаме обврска да го чуваме делото на Конески и да го пренесуваме на идните генерации

74
Сфати ја со сета сериозност
оваа обврска,
уште посилна дека заемна:
и без да го знаеш досега тоа
ние сме се задолжиле да го чуваме
споменот еден за друг.
Ќе минат сите површни оддалечувања,
ќе дојде час на враќање
кон загубеното,
за да се згрее душата макар малце
на него,
како што исѕемнатиот ги грее рацете
На жив жар, под распретаната пепел.                   Обврска-Блаже Конески

Преку стиховите на песната „Обврска“ од Блаже Конески министерката за култура Ирена Стефоска потсети на 7 декември, денот кога пред 28 години во 1993 година, почина големиот македонски писател, поет, академик, филолог, славист, професор, великанот на македонската култура. Таа испрати порака дека сите имаме обрска да го чуваме неговото дело, неговите зборови, песни преку упоребата на современиот македонски литературен јазик, чиј кодификатор е тој. „Секој негов збор истовремено е и порака и аманет, наша должност, наша обврска е да не заборавиме да ги пренесуваме на идните генерации како аманет кон нив“, додаде Стефоска во пораката на социјалните мрежи.

Министерството за култура по повод 7 декември, пак, реализираше видео-материјал со поезијата на Блаже Конески на шест јазици: македонски, турски, ромски, српски, влашки и босански јазик кој е достапен за јавноста.

Да потсетиме, во годинава што изминува, македонската Влада ја усвои Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески”, која е дел и од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО. Иницијативата за Национална програма за одбележување на капиталното научно и литературно дело на големиот Конески ја започнаа Министерството за култура и Министерството за образование и наука. За меѓународните активности се вклучи и Министерството за надворешни работи, а покровител на Програмата е претседателот Стево Пендаровски.

Програмата се реализираше во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство, а средствата беа обезбедени од Министерството за култура, од МОН и Агенцијата за спорт и млади.

„Покрај институционалните форми, делото на Конески на оригинален начин се чува, се негува и се осовременува и низ различни форми на граѓански и образовни институции, кои изготвија алтернативни начини и на современ јазик говореа за темелните вредности на Конески. 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески се чествуваше и во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, каде што на 21 март, по повод Светскиот ден на поезијата, песни од Конески на своите јазици прочитаа повеќе високи дипломатски претставници во УНЕСКО“, потсетија од Министерството за култура.

Во знакот на оставината на поетот, македонист, академик и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, се одржа и 60. издание на светски реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“, а беше издадено и монографско издание посветено на Конески. Беа распишани и конкурсите за ученици од основните училишта, како и за млади автори за создавање дела инспирирани од поезијата на Блаже Конески. Во рамките на јубилејот, Народната банка издаде златна кована монета со ликот на Блаже Конески, а Поштата издаде поштенска марка со ликот на оваа наша национална гордост. Во оваа јубилејна година, неколкупати со топлина каква што го красеше скромниот и голем поет, научник и човек – Конески, настани се одржаа и во неговото родно Небрегово – во спомен-куќата каде што е роден. (Н.И.Т.)