Сите го сакаат новиот Роналдо

127

Бразилското чудо од дете, Ендрик, е новата мета на најбогатите европски клубови. Станува збор за 15-годишниот фудбалер на бразилскиот гигант Палмеирас, кој на одиграните 175 натпревари во младинските категории, постигна 172 погодоци. Тамошните медиуми открија дека каталонскиот гигант Барселона веќе понуди сериозна парична сума за новиот Роналдо, но во трката по неговиот потпис се уклучиле и останатите европски гиганти.

Барса веќе подолг период го следи Ендрик, а пред неколку недели во Бразил ги испрати и своите најдобри скаути. Тие го гледаа на најголемиот У-20 турнир во Бразил на кој Ендрик одигра седум натпревари, постигна пет погодоци и доминираше во дуелите со далеку постарите фудбалери.

Откако се уверија во квалитетите на новото чудо од дете, скаутите веднаш ги информирале клупските челници дека мораат по секоја цена да ги осигураат услугите на 15-годишниот напаѓач. Бразилските медиуми открија дека Барса понуди 45 мил. евра кои би биле исплатени во три рати. Првата кога Ендрик ќе потпише професионален договор со Палмеирас, втората кога ќе ја одработи првата сениорска сезона, а третата кога со 18 години ќе се пресели на „Ноу Камп“.

Сепак, сега најголем проблем е интересот на останатите клубови кои се подготвени да го направат Ендрик најскап тинејџер во фудбалската историја. „Дејли Мејл“ пишува дека интерес за неговите услуги покажуваат челниците на Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и на Ливерпул, а шпанските медиуми пишуваат дека во трката се има вклучено и Реал (М).

Сите сакаат веднаш да ги осигураат неговите услуги, пред Палмеирас да му понуди професионален договор и да вметне голема ослободителна клаузула, а сумата може да биде три пати поголема од таа која Барселона моментално ја нуди. Ендрик моментално сака да остане во Бразил, да одигра неколку сезони за првиот тим, а потоа да се пресели во Европа.