Платежните картички за купување домашни производи и услуги граѓаните на кои им следуваат ќе ги добијат до 3 јули, а парите префрлени на нив ќе треба да ги потрошат најдоцна до 31 јули. Парите што ќе останат непотрошени ќе се вратат назад во државниот буџет. Со картичките од домашни производи нема да може да се купуваат само алкохолни пијалаци, тутун и преработки од тутун.

Ова е предвидено со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба. Оваа уредба е веќе објавена во „Службен весник“ и од вчера е во сила.

Невработените и корисниците на социјална помош на картичките ќе добијат по 9.000 денари, вработените со примања под 15.000 денари и средношколците и студентите на возраст од 16 до 29 години по 3.000 денари.

Под граѓани со низок доход на кои им следуваат картички со 9.000 денари се подразбираат полнолетни македонски државјани кои се приматели на социјална помош, поточно, како што е дефинирано со Уредбата, тоа се лица од домаќинство кое користи право на гарантирана минимална помош, на детски додаток, на додаток за образование, потоа корисник на право на социјална сигурност за старите лица и негов брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница, како и невработени лица кои активно бараат работа, евидентирани во Агенцијата за вработување. Тие заклучно со 22 мај 2019 година според евиденцијата на Управата за јавни приходи не треба да имаат годишен нето доход поголем од 180.000 денари, а за периодот јануари-април 2020 година не поголем од 60.000 денари.

Вработените лица со низок доход ќе добијат картички со 3.000 денари. Тоа се лица кои за периодот јануари-април 2020 година според евиденцијата на Управата за јавни приходи оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата за полно работно време во нето износ не поголем од 60.000 денари.

Под млади лица на кои исто така им следува картичка со 3.000 денари се поразбираат средношколци и студенти во државните образовни институции кои на 22 овој месец имале полни 16 до 29 години.

Картичките ќе ги издадат деловните банки кои ќе потпишат договор со Владата во рок од три дена од влегување на Уредба во сила. Картичката ќе биде врзана за трансакциска сметка на корисникот, а на оние корисници чии сметки се блокирани ќе им се отворат нови. На картичката ќе има видливо отпечатена ознака „КУПУВАМ ДОМАШНО“ на кирилица и латиница.

Конечната листа на лицата кои ќе добијат картичка ќе се објави пет дена откако уредбата ќе влезе во сила, што значи, најдоцна до 1 јуни, а тоа е и рокот до кога Генералниот секретаријат на Владата, на деловните банки со кои ќе биде постигнат договор, треба да им ги даде списоците за изработка на картичките.

Дали им следува домашна платежна картичка, со колку пари и која банка ќе им ја издаде, граѓаните ќе можат да проверат со внесување на матичниот број на интернет-страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk со безбедносен (HTTPS) протокол. Граѓаните на кои им следува картичка ќе потпишуваат согласност кај деловната банка, а свој потпис ќе можат да стават и малолетниците кои имаат лична карта или пасош.

Банката издадената платежна картичка ќе им ја достави на корисниците на домашната адреса по пошта, а трговците добиваат обврска да обележат рафтови и гондоли со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“, од кои ќе може да се купуваат производи со картичката. Домашните производи и услуги ќе мора посебно да се издвојат и во онлајн продажбата.

– За прометот на производи од ставот (1) на овој член, правните и физички лица вршители на стопанска дејност издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија во фискалната сметка за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи, стои во Уредбата.

Ако не ги почитуваат овие правила за микро трговците е предвидена глоба од 100 до 500 евра, за малите трговци од 300 до 1.000 евра, а за средните и големите трговци од 1.000 до 3.000 евра. Казни од 100 до 500 евра се предвидени и за одговорните лица. Контролата над спроведувањето на оваа Уредба ќе ја вршат Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи. Во Уредбата стои дека за фалсификување и злоупотреба на картичките се казнува според  Кривичниот законик, но не е наведена заштита од нивна препродажба, отстапување на други лица и слично.

Парите од домашната платежна картичка нема да можат да се подигаат од банкомат ниту да се префрлуваат на друга сметка.

Во уредбата се наведени и трговците и давателите на услуги кај кои ќе може да се плаќа со домашната картичка, а тоа се хотели, одморалишта, кампови и друг вид сместување, ресторани, кафулиња, сендвичарници, пекарници, кетеринг, туристички агенции, трговијата на мало освен онаа со моторни возила и мотоцикли, аптеки, тезги за храна и облека и обувки на пазари, фризерски и салони за разубавување и други.

За здравствените работници поддршка од 40 проценти од последната плата

Со оваа Уредба со законска сила финансиска поддршка му следува и на здравствениот кадар, но само на оној кој бил во првата линија во борбата со ковид-19. Тоа се лицата кои учествувале во тестирање, дијагностицирање и лекување на заболените граѓани. За нив е предвидена еднократна финансиска поддршка во висина од 40 проценти од последната основна нето-плата.

Ваква помош ќе добијат вработените во јавните здравствени установи во Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, центри за јавно здравје, членови на тимовите за Итна медицинска помош, вработени во инфективните одделенија на општите болници и ангажирани работници во други одделенија кои повремено биле ангажирани во инфективните одделенија на соодветната јавна здравствена установа респективно за времето на ангажирање согласно со евиденцијата на Фондот за здравствено осигурување заради тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од ковид-19.

Нема картички за пензионерите ни за непријавените невработени

Информациите дека со домашните платежни картички ќе можат да се плаќаат и сметки за комуналии со Уредбата не се потврдија. Во неа тие не се споменати како услуги за кои ќе може да се користи домашната картичка.

Исто така, разочарани останаа и пензионерите и невработените кои не се активни баратели на работа кои очекуваа дека до донесувањето на Уредбата, Владата ќе се сети на нив. Тие дефинитивно нема да добијат картички. Пензионерите со минимални примања не се споменати како лица на кои им следуваат домашните картички, а од невработените ќе ги добијат само оние кои во Агенцијата за вработување се водат како активни баратели на работа.

(С.В.)