Сиријка и жителка на Конго живеат спокојно во Скопје

1263

Црвениот крст на Град Скопје со поддршка на УНХЦР канцеларијата во Скопје, годинава реализира низа активности наменети за баратели на азил и лицата под супсидијарна заштита во државава. Овие активности се во рамките на Проектот на рана интеграција и интеграција наменет за лицата баратели на азил и лицата под супсидијарна заштита во Македонија, а станува збор за нивна обука за изучување на македонскиот јазик, бидејќи тоа е првиот чекор за рана интеграција, потоа обуки за квалификација, доквалификација и преквалификација, психосоцијална поддршка и работа со психотерапевт, поддршка во пристапот до социјалните, здравствените услуги, а за децата посебен сет активности од типот поддршка во училишниот процес, креативни работилници, заеднички активности со волонтерите на Црвениот крст, прошетки, посети на Зоолошката градина, кина, театар, парк, на Матка

 

Жена од Африн, Сирија, и жена од Киншаса, Демократска Република Конго, кои сега живеат во Скопје и имаат статус на лица кои се под супсидијарна заштита, се под закрилата на Црвениот крст на град Скопје. Нивниот животен пат е исполнет со неизвесност и постојано селење, но конечно, мирот и заштитата ја наоѓаат во Македонија.

 -Сиријката, А.З., заедно со сопругот ја напуштиле Сирија и се упатиле кон Грција. Во меѓувреме, во Грција се раѓа и нивната ќерка. Во Грција, за време на бегалската криза престојувале шест месеци. Тие таму биле сместени во стан и добивале парична помош за кирија и сметки. По престој од шест месеци решаваат да ја напуштат Грција и доаѓаат во Македонија. При патувањето, А.З. се здобива со повреда. Во даден момент, при пад ја скршила ногата и ја упатуваат во болница. Поради повредата, А.З заедно со нејзината ќерка останува во Македонија, во безбедна куќа, а нејзиниот сопруг го продолжува патувањето и заминува за Холандија каде што моментално живее и очекува решавање на неговиот статус – раскажува Веселинка Цветановска, социјален работник во Црвениот крст на град Скопје.

Таа додава дека по извесен период А.З го остварува правото на статус во Македонија, односно добива статус на лице под супсидијарна заштита. По остварувањето на ова право, А.З. започнува да живее во изнајмен стан, во скопска населба. Во станот живее заедно со С.М., која исто така е лице под супсидијарна заштита и со која се запознале таму.

-Од јануари, 2020 година, А.З. е вклучена во проектот за Социјална интеграција на лица баратели на азил од страна на Црвен крст на град Скопје. За неа е обезбеден волонтерски ангажман како технички персонал во Дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години „Пролет“, каде што добро се вклопува и е исполнителна во однос на извршување на обврските. За истото добива месечен волонтерски надомест. Црвен крст на град Скопје со поддршка од УНХЦР-  канцеларија Скопје обезбедува поддршка за месечен автобуски билет, средства за плаќање на трошоци за градинка, обезбедени се средства за курс по македонски јазик, психосоцијална поддршка од страна на психотерапевт, а нејзината ќерка е запишана во градинка која се наоѓа во близина на станот – ја раскажува нејзината животна приказна Цветановска.

Таа потенцира дека од страна на Црвен крст на град Скопје, секој месец семејството добива хуманитарна помош пакет храна, хигиенски средства, облека, заштитна опрема.

А.З., исто така, ги користела мерките од страна на државата за полесно справување со кризата предизвикана од пандемијата и станала и корисник на домашна платежна картичка, во износ од 9.000 денари.

-Како невработено лице, односно активен барател на работа, од септември 2020 година таа ги користи активните мерки од страна на АВРМ, специјализирана обука за готвач, со цел добивање на сертификат и можност за нејзино професионално ангажирање како готвач – вели Цветановска.

Нејзината цимерка, С.М., родена во 1993 година, пак заедно со сопругот и нејзиниот малолетен син го напуштаат Конго и се упатуваат кон Сенегал, Мароко, потоа кон Турција каде што престојуваат кратко време. И тие потоа заминуваат во Грција каде за време на бегалската криза престојуваат неколку месеци во стан и добиваат парична помош за кирија и сметки. По подолг престој решаваат да ја напуштат Грција и доаѓаат во Македонија. Бидејќи е бремена во деветтиот месец со второто дете, тоа го отежнува нејзиното патување за време на бегалската криза, таа во договор со својот сопруг останува овде за да се породи, а нејзиниот сопруг заминува за Франција, каде што моментално живее и работи. Во меѓувреме С.М. се пораѓа на Клиниката за гинекологија и акушерство и веднаш потоа е сместена во стан заедно со бебето и нејзиниот син.

По добивањето на статусот – лице под супсидијарна заштита, Сандра живее во скопска населба заедно со А.З..

Од јануари 2020 година и С.М. е вклучена во проектот за Социјална интеграција на лица баратели на азил од страна на Црвен крст на град Скопје. За неа е обезбеден волонтерски ангажман практична работа во фризерски салон каде што добро се вклопува и е исполнителна во однос на извршување на обврските. За тоа добива месечен волонтерски надомест.

-Црвен крст на град Скопје со поддршка од УНХЦР – канцеларија Скопје и обезбедува поддршка за месечен автобуски билет, средства за плаќање на трошоци за градинка, обезбедени се средства за курс по македонски јазик, психосоцијална поддршка од страна на психотерапевт, а нејзините деца се запишани во градинка која се наоѓа во близина на станот.

Од страна на Црвен крст на град Скопје, секој месец семејството добива хуманитарна помош пакет храна, хигиенски средства, облека, заштитна опрема-информира Цветановска.

И С.М., исто така ги користела мерките од страна на државата за полесно справување со кризата предизвикана од пандемијата и станала корисник на домашна платежна картичка во износ од 9.000 денари.

Како невработено лице, односно активен барател на работа, од септември 2020 година С.М. ги користи активните мерки од страна на АВРМ, специјализирана обука за фризер, со цел добивање на сертификат и можност за нејзино професионално ангажирање како фризер .

Двете жени живеат како едно семејство, си помагаат меѓусебно и безрезервно се поддржуваат. Имаат редовни контакти со нивните семејства и сопрузите, од Црвениот крст на град Скопје ја раскажуваат приказната за овие две жени кои ги споила судбината.

Имено, Црвениот крст на град Скопје со поддршка на УНХЦР-канцеларијата во Скопје, годинава реализира низа активности наменети за баратели на азил и лицата под супсидијарна заштита во државава.

Овие активности се во рамките на Проектот на рана интеграција и интеграција наменет за лицата баратели на азил и лицата под супсидијарна заштита во Македонија.

-Станува збор за нивна обука за изучување на македонскиот јазик, бидејќи тоа е првиот чекор за рана интеграција, потоа обуки за квалификација, доквалификација и преквалификација, психосоцијална поддршка и работа со психотерапевт, поддршка во пристапот до социјалните, здравствените услуги, а за децата посебен сет активности од типот поддршка  во училишниот процес, креативни работилници, заеднички активности со волонтерите на Црвениот крст, прошетки, посети на Зоолошката градина, кина, театар, парк, на Матка – изјави Александра Валкановска од Црвениот крст на град Скопје, ангажирана во реализирање на проектот.

Таа додава дека за овие лица бил организиран и летен одмор, а тековно реализираат активности за дружење и социјализација.

-За сево ова да се спроведе поддршка даваат осум обучени волонтери од Црвениот крст на град Скопје, координаторите на проектот, социјален работник и преведувач. Подготвен е и прирачник, водич за бегалци, а работиме и со локалната самоуправа и сензитивизирање на населението за потребите на барателите на азил и лицата под супсидијарна заштита – потенцира Валкановска.

(А.П.)