Синот на вториот возач на автобусот за БНТ: Телото на татко ми било пронајдено во кабината за спиење

1301
Фото: БНТ (Бугарска национална телевизија)

Репортерите на Бугарската национална телевизија го пронајдоа синот на вториот возач на автобусот, Кадрим Мемеди, кој во моментот на трагичната сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“, како што тврди неговиот син, не возел, туку спиел во специјалната кабина за одмор на возачите, во средишниот дел на автобусот.

Бесар Мемеди за БНТ вели дека бил во Бугарија за да го препознае телото на неговиот татко, кое според него било пронајдено во кабината за спиење.

Официјално, сè уште не е утврдено дали Мемеди управувал со автобусот.

Мемеди имал 54 години, со над 20 години искуство. Често патувал во Германија и Турција и ги знаел рутите.

„Автобусот бил технички исправен“, вели неговиот син.

Бесар во изјавата тврди дека „Беса Транс“ има сервис и во Турција. Неговиот татко заминал во четвртокот, а во петокот веќе бил во Турција. Кадрим во петокот оттаму му се јавил на синот.

„Во автобусот не дозволувал патници со опасен багаж – ниту со пиротехнички средства, ниту гориво. Автобусите биле стари 3 години и технички исправни“, раскажал синот на починатиот возач.

Од списокот на преживеани во несреќата, според Бесар, го нема името на патникот Шади Науф ал Салех.