Синиша Мали: Вучиќ не се чувствува добро

601

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе ѝ се обрати на нацијата во следните 48 часа. Како што рече министерот за финансии Синиша Мали, претседателот не присуствува на прес-конференцијата за економските мерки по повод ситуацијата настаната поради епидемијата со корона вирусот затоа што не се чувствува добро, јавува Радио Телевизија Србија.

Синиша Мали  на прес конференција ги презентираша новите економски мерки, при што изјави дека најголем товар од кризата го презема државата, и дека мерките се во вредност од 5,1 милијарди евра. „Пакетот на мерки на владата се состои во одлагање на плаќањето на доспеаните даночни обврски, директна помош на претпријатијата во приватниот сектор, зачувување на ликвидност на стопанството и помош од 100 евра на сите полнолетни граѓани на Србија“, изјави Мали, кој додаде дека платите и пензиите нема да се намалуваат.

Претходно српскиот „Топлички центар за демократија и човекови права“ инфирмираше дека поднел кривични пријави против претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и против српскиот министер за финансии, Синиша Мали, поради непостапување по здравствените прописи во време на епидемија, оти не се придржувале кон одредбата за самоизолација по враќањето од Унгарија, во време кога во Србија имало вонредна состојба. Вучиќ и Мали на 22 март биле во посета на Унгарија, но по враќањето не биле во самоизолација.