Синдикатите и работодавачите со спротивни ставови за зголемувањето на минималната плата

80

Прашањето за зголемување на минималната плата што пред нова година го најавија од Владата се актуелизира деновиве, но оттаму најавуваат дека тоа може да се случи дури во вториот квартал од годината и во консултации со социјалните партнери. Синдикатите бараат зголемување на минималецот веднаш и спирално зголемување и на останатите плати. Според работодавачите, пак, секое покачување на минималната плата, надвор од договореното годишно усогласување, со пораст на инфлацијата, БДП и просечната плата, ќе предизвика негативни последици по економијата. За разлика од нив, експертите сметаат дека растот на минималната плата нема да го загрози стопанството.

За ова в понеделник е закажан состанок во Владата меѓу раководството на Сојузот на синдикати на Македонија и владини претставници. Од исходот на тој состанок ќе зависат следните чекори на синдикатот, кој се закани со штрајк доколку не биде прифатено нивното барање и веднаш не биде зголемена минималната плата.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека заложба на Владата е минималната плата во износ до 18 илјади денари да се покачи во најбрз можен рок, а до 20 илјади денари до крајот на нејзиниот мандат. 

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска не прецизира кој би бил најкусиот рок за покачувањето на минималната плата до 18 илјади  денари. Таа истакна дека прво треба да се постигне договор со социјалните партнери за да се дојде до решение кое ќе биде во интерес на сите засегнати страни. Министерката најави дека во текот на февруари ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет во која партиципираат трите социјални партнери – синдикатите, Владата и работодавачите.

– Ќе отвориме дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет со социјалните партнери, со синдикатите и со работодавачите. Целта ни е преку тој дијалог да дојдеме до најповолното решение и за работниците и за работодавачите. В понеделник имаме состанок со синдикатите заедно со вицепремиерот Битиќи и со министерот за економија. Ќе го отвориме прашањето в понеделник и се надевам дека ќе дојдеме до решение кое што ќе биде поволно и за синдикатите и за Владата и за работодавачите, изјави Тренчевска во четвртокот на прес-конференција во Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа во интервју за националниот радиодифузен сервис посочи дека минималната плата треба да се зголеми низ економско-социјален дијалог.

– Минималната плата не може да биде еднострана административна одлука бидејќи тука се засегнати и компаниите. Владата останува на својата заложба за зголемување на минималната плата. Покачувањето мора да биде низ дијалог и во согласност со сите социјални партнери, порача Ковачевски.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи исто така најави дека минимална плата од 18.000 денари во државата ќе имаа во тој момент кога за тоа ќе одлучат трите социјални партнери.

– Дали ќе има минимална плата од 18.000 денари, да, ќе ја има. Тој момент кога заеднички ќе одлучиме за минимална плата на висина на која што заеднички ќе одлучиме. Јас сум кажал еднаш и кажувам пак, дали заедничката одлука ќе биде 18.000 или повеќе, тоа ќе биде заедничка одлука на сите социјални партнери. Тоа е трипартитен дијалог во којшто одлучуваме кој и колку треба да се покачи во тој момент за да нема штета, рече Битиќи гостувајќи на телевизија Телма.

Во однос на најавите на ССМ за штрајк, Битиќи истакна дека едностраните ултимативни решенија не се конструктивни во трипартитен дијалог.

Во ССМ веќе е формиран главниот штрајкувачки одбор по седниците на Претседателството и Советот како највисоки тела на синдикатот.

– Штрајкувачкиот одбор во вторник по состанокот во Владата ќе утврди време и начин на изразување на работничкото незадоволство преку спроведување на штрајкот и разните облици за притисок и изразување на работничкото незадоволство, а во зависност од резултатот на преговорите, велат од ССМ.

Синдикатот бара веднаш да биде зголемена минималнатa плата на 18.000 денари во нето износ и таа да не биде пониска од 60 проценти од просечно исплатената месечна нето плата во последните три месеци, како и задолжително усогласување на сите останати плати во државата.

Дел од барањата на ССМ за кои в понеделник ќе се разговара со владините претставници се и потпишувањето на Општ колективен договор за јавниот сектор со кој ќе се врати регресот за годишен одмор познат како К-15. Од ССМ бараат пратениците да ги изгласаат измените на Законот што ССМ ги поднесе до пратениците со кои ќе се реализира зголемувањето на минималната плата.

Од Организацијата на работодавачи во изјава за МИА велат дека направиле анализа, според која, секое покачување на минималната плата, надвор од договореното годишно усогласување со пораст на инфлацијата, БДП и просечната плата, ќе предизвика негативни последици по економијата.

– Критериумите кои се преговараат во Европската унија, минималната плата да биде 50 проценти од просечната плата во секоја земја, кај нас се исполнети. Во моментов со усогласувањето во 2021 согласно Законот за минимална плата, висината на нето минималната плата е 53,7 проценти.

Растот на продуктивноста е желба на секоја фирма, но и на секоја Влада. Таа ќе доведе до поголеми плати и подигање на станадардот на сите граѓани. Порастот на платите мора да е поврзано со порастот на продуктивноста, но не гледано само како поголема мотивираност на вработените, туку да се зема во предвид и структурата на стопанството, нивото на современи знаења и новите технологии, истакнуваат од ОРМ.

За нив е неприфатливо барањето на ССМ за зголемување на минималната плата да се оправдува со анализа на влијанието на покачувањето на минималната плата во септември 2017 година, од кога, како што велат, има уште едно законско зголемување на минималната плата на 14.500 денари, затоа што состојбите во стопанството во 2022 година се многу по различни од оние во 2017 година. При тоа, нагласуваат од ОРМ, мора да се имаат предвид енергетската и здравствената криза и нивните ефекти врз работењето на компаните.

Спротивно на ваквите ставови на работодавачите, анализата што е изработена на барање на Сојузот на синдикати на Македонија, со поддршка на фондацијата „Фридрих Еберт“ покажува дека зголемувањето на минималната плата нема негативен ефект врз фирмите и не влијае врз намалувањето на нивната профитабилност. Напротив, со растот на платите на вработените, кај нив се зголемува мотивацијата, а со тоа и продуктивноста со што не се забележуваат промени во профитабилноста на фирмите.

Стојкоски, покажуваат дека за да се зголеми продуктивноста треба да се зголеми минималната плата, а со тоа ќе се зголеми и додадената вредност на фирмите, односно БДП.

– Подобро платените работници се позадоволни и помотивирани да работат, па затоа и се пропродуктивни и поизведуваат повеќе. Бројни студии во литературата го покажуваат тоа, рече Јовановиќ на презентацијата на анализата.

Анализата покажува дека фирмите кои биле повеќе „погодени“ од покачувањето на минималната плата немале поголемо намалување на бројот на вработени од останатите фирми, односно минималната плата не довела до отпуштање на работниците. Немало ниту кратење на платите на останатите вработени, но исто така ниту спирално зголемување на останатите плати.

Минималната плата ја воведе Владата на ВМРО-ДПМНЕ во јануари 2012, кога беше донесен Законот за минимална плата. Тогаш минималната плата изнесуваше 8.050 денари, освен за текстилната и кожарската индустрија, сектори во кои оваа сума беше достигната во 2015 година.

Последната законски утврдена минимална плата беше во 2019 година, кога беше утврдена на 14.500 денари. Во меѓувреме со усогласувањето со трошоците на живот таа се искачи на околу 15 илјади денари.

Висината на минималната плата во 2019 година беше усогласена по неколкумесечно преговарање преку социјален дијалог со сите социјални партнери, во договор и со синдикатите и работодавачите.