СИМОВСКИ: Бојкот на пописот би бил катастрофа за државата!

136

За пописот се шират лажни вести што нанесуваат штета на процесот и не смее да се дозволи бојкот. Тоа би било катастрофа не за нашата институција. Не за пописот туку за државата, рече директорот Симовски, смета Атанас Симовски, директор на Државниот завод за статистика. Тој објасни дека причина за повлекувањето на предлог-законот за попис од собраниската комисија, закажана за вчера, не се партиски несогласувања туку тоа што не бил обезбеден претставник од ЕУ од каде што треба да има претставници бидејќи законот е со европско знаменце.

Тој очекува законот да биде усвоен до крајот на месецов или најдоцна до јули за да нема одложување на подготовките за главниот попис. Дали евентуални предвремени парламентарни избори можат да го одложат пописот, Симовски вели дека ќе размислуваат ако се случат.

– Пописот е извесен ќе биде од 1 април 2020 година. Подготовки за него, во смисла јавни дебати и расправи со целни групи, почнавме пред 1,5 година. Во ноември предлог-законот беше ставен на ЕНЕР, стоеше 40 дена и немавме никакви забелешки па затоа ме зачуди реакцијата од вчера. Се изнесоа многу лажни вести на кои не вреди да се навраќам оти носат штета на процесот, вели директорот Симовски.

Тој појасни дека ќе биде попишана дијаспората преку дигитална апликација, а доколку и тоа не го направат за нив, податоци ќе можат да дадат роднини од кои исто така ќе биде побаран матичен број со кој ќе се гарантира веродостојноста на податоците. Ќе бидат попишани сите резиденти кои живеат на територија на земјата повеќе од 12 месеци.

Пробниот попис кој ќе опфати 13 општини вчера почна теоретски, но не и практично. Од Заводот за статистика велат дека екипите се подготвени но, сè уште не излегле на терен, а се планира тоа да го сторат најдоцна до крајот на неделава.

– В среда попишувачите ќе имаат обука, а веќе в петок ќе излезат на терен во вкупно 13 општини. Резултати од пробниот попис нема да се објавуваат оти тој е тест за техничката подготвеност на институцијата за главниот попис., вели Симовски.

Пробниот попис беше закажан за 10 до 30 јуни во Македонија со цел да се направи еден вид симулација на главниот попис кој треба да се одржи во април идната година. Тој треба да послужи да се види што треба да се подобри, што да се коригира, за следната година да се почне со сериозно, професионално подготвени за успешно спроведување на таа навистина најголема статистичка операција.

Од Заводот за статистика ги повикуваат граѓаните со доверба да ги примат попишувачите за да на таков начин помогнат околу реализирање на пописот. Основен услов за да се попише некој било тоа да покаже документ на кој ќе биде неговиот матичен број. Пробниот попис ќе биде спроведен  во Кисела Вода, Зелениково, Гостивар, Кичево, Струга, Долнени, Свети Николе, Радовиш, Валандово, Куманово, Кратово, Прилеп и Штип.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека е можно да не учествуваат во пописот, ако власта не се откаже од намерата, како што велат, да го прошверцува со европско знаменце предложениот закон за попис, без здрава дебата за сите отворени и спорни прашања со што според нив, се фрла сомнеж во веродостојноста на најголемата статистичка операција во земјава. Од партијата велат дека во брзањето на власта се гледаат тенденцијата и сомнежот за носење закон за попис кој би бил надвор од стандардите на „Евростат“ и на релевантни меѓународни организации.

Од СДСМ пак, велат дека тоа е истата кочница која опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја активира секогаш кога треба да се донесат крупни одлуки, одлуки коишто се во интерес на државата.

-Знаеме самиот попис колку е важен да се спроведе за државата, знаеме дека долги години не се спроведуваше токму заради политички калкулации од страна на тогаш или порано владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а сега опозициска партија. Јас очекувам дека сите политички субјекти ќе ја разберат суштината и потребата од пописот на населението. Очекувам и ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат и да се откажат од намерите за бојкот, си има начин како во рамките на Собранието, во рамки на преговарачки групи и во рамки на партиите каде може да се дискутира тоа, а на крај да се донесе одлука којашто ќе биде во интерес на граѓаните, велат од владејачката партија.

Според Предлог-законот за попис, Државниот завод за статистика треба во април 2020 година да го спроведе деветтиот Попис на населението, становите и домаќинствата. Досега, во државава има спроведено осум пописи на населението: во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година. Во 2011 година, почнатиот попис беше прекинат со одлука на Владата.