Силна осуда на Франција во ЕП поради блокадата на Северна Македонија

80

Европските пратеници на вонредната расправа на пленарната сесија за отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија, остро го осудија француското вето на самитот на ЕУ на 18 октомври 2019 и побараа грешката да се исправи во најкус можен рок. Дискусиите во кои зедоа збор на 40 членови на Европскиот парламент денеска треба да се преточат во заедничка резолуција, за која ќе гласа околу пладне, јавува дописникот на МИА.

Северна Македонија уште еднаш доби поддршка од најголемите политички групи во Европскиот парламент за почеток на преговорите со ЕУ. Повеќе европпратеници остро го критикуваа ветото на Франција на самитот на ЕУ минатата недела и побараа итна промена на одлуката.

Финската министерка за надворешни работи Тути Тупураинен во својство на претседавач со ЕУ, рече дека е длабоко разочарана што минатата недела не беше постигната согласност во Европскиот совет.

– Тоа е назадување за улогата на ЕУ на Западниот Балкан и за проширувањето како стратешка инвестиција во мирот и стабилноста, рече финската министерка.

Таа притоа нагласи дека сега се потребни повеќе напори, но „нема да запреме”.

-Ние сме подготвени сме повторно да се вратиме на прашањето. Многу е важно двете земји да продолжат со реформи, затоа што истото ги очекуваат и граѓаните, рече Тупураинен.

Како и повеќето други учесници во дебатата, во повеќе наврати беше наведен Договорот од Преспа како историско постигнување и беше изразено признание на владата во Скопје за постигнатото.

Комесарот за проширување во заминување Јоханес Хан ја повтори критиката дека лидерите на ЕУ не успеале да си го исполнат даденото ветување.

Да не заборавиме дека постои едногласно мислење дека на Западниот Балкан му треба повеќе храброст за чекор како Преспанскиот договор. Каде е нашата посветеност и поддршка за оние кои преземаат храбри чекори. Членките на ЕУ сега треба да разјаснат колку е сериозна нивната намера кон овие земји, рече  Хан.

Најави дека Европската комисија ќе продолжи да ги поддржува Северна Македонија и Албанија „на сите начини“ и изрази надеж дека самитот во Загреб ќе има позитивен исход.

Не си играјте со Северна Македонија и Албанија. Двете земји постигнаа впечатливи реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Преспанскиот договор беше извонредно постигнување за надминување на проблемите од минатото, и истото важи за договорот на Северна Македонија и Бугарија. Граѓаните се длабоко разочарани, но не смеат да се откажат од надежта, порача Јоханес Хан.

Кати Пири од редовите на Социјладемократите зборуваше за големото значење на Преспанскиот договор, наведувајќи го како пример за голема политичка храброст.

Но, токму таа храброст ја немаа европските лидери, поточно Макрон, тој не покажа лидерство и политичка храброст. Овој неуспех го нарушува имиџот на ЕУ на Западниот Балкан, рече Пири додавајќи дека одлука на самитот во Загреб ќе биде „премалку и предоцна“.