СЗО: Можен втор бран на ковид-19, суспендиран лекот „хидроксиклорокин“

56

Земјите во кои паѓа бројот на заболени се соочуваат со втор бран ако нагло ги попуштат мерките, предупредува СЗО. Испитување на лекот за маларија „хидроксиклорокин“ во лекувањето на ковид-19 привремено е прекинато

Земјите во кои се намалува бројот на заболени од коронавирус би можеле да се соочат со втор пик на епидемијата доколку мерките за запирање на истата се олеснат или се укинат прерано, предупреди Светската здравствена организација (СЗО). „Светот сè уште е среде првиот бран на пандемијата на коронавирус“, предупреди шефот за итни случаи на СЗО, Мајк Рајан, на брифинг на интернет, истакнувајќи дека иако бројот на случаи се намалува во многу земји, има голем број на заразени во Централна и Јужна Америка, Јужна Азија и Африка.

Епидемиите, додаде тој, честопати доаѓаат во бранови, што значи дека коронавирусот би можел да се врати подоцна оваа година на местата каде што исчезнал првиот бран, но постои можност тој да се забрза доколку мерките за спречување на ширење на вирусот нагло се напуштат.

Рајан оцени дека земјите во Европа и Северна Америка треба да продолжат со примената на мерките за социјална дистанца, мерките за надзор, тестирање и сеопфатна стратегија за да се продолжи траекторијата на падот и да не се случи веднаш да има втор бран.

Поради дадени резултати, клиничкото испитување на лекот за маларија „хидроксиклорокин“ во лекувањето на ковид-19 привремено е прекинато, бидејќи истиот предизвика загриженоста околу неговата безбедност, објави директорот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.

Тедрос на онлајн конференцијата за новинари истакна дека врз база на текстот објавен во научното списание „Лансет“ одлучено е привремено да се паузира со истражувањето на тој лек во пробната студија која се занимава со лекување на болеста предизвикана од коронавирусот. Во текстот во научното списание, објавен минатата недела се наведува дека луѓето кои земаат „хидроксиклорокин“ имаат поголем ризик од смрт и срцеви проблеми од оние кои не го земаат. Станува збор за лек против маларија кој веќе два месеци Трамп жестоко го препорачува како„чудотворен лек“ за коронавирус.