СЗО и ЕЦДЦ: Поради коронавирусот, сè поголем број луѓе заразени со ХИВ не се дијагностицирани

53

Во 2019 и 2020 година се дијагностицирани 24 отсто помалку нови случаи на ХИВ инфекција, се вели во заедничкиот извештај на Регионалната канцеларија за Европа на Светската здравствена организација (СЗО) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Во извештајот објавен на 30 ноември, ден пред Светскиот ден за ХИВ/СИДА, се вели дека падот се должи на намалениот број ХИВ тестови поради пандемијата на коронавирусот.

Според извештајот, ова е алармантна ситуација, имајќи предвид дека бројот на заразени со ХИВ во Европа се зголемува во претходните години. Податоците покажуваат дека се зголемува и бројот на заразени со ХИВ, без дијагноза.

И покрај помалку дијагнози и помалку пријавени случаи во текот на 2020 година, 104.765 нови случаи на зараза се утврдени во 46 од 53 земји во европскиот регион. Во овој број се вклучени 14.971 случај од Европската унија, односно од Европската економска област. Овој број одговара на просечно 11,8 нови случаи на 100.000 жители на европскиот регион.

„Светот е фокусиран на пандемијата на Ковид-19, но не можеме да заборавиме уште еден смртоносен вирус кој уништува животи и заедници речиси 40 години. Откако ХИВ за првпат беше идентификуван во 1984 година, тој однесе повеќе од 35 милиони животи, што ја прави една од најразорните пандемии во историјата“, рече Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

Тој додаде дека во последните години, многу земји во Европа го зголемија бројот на тестови и ги подобрија третманите, додека се борат против стигматизацијата на заразените.

„Но, новите податоци, собрани од појавата на коронавирусот, даваат загрижувачка слика и сугерираат дека многумина живеат со ХИВ кој не е дијагностициран, што може да има долгорочни последици за нивниот квалитет на живот“, истакна Клуге.