СЗО даде „зелено светло“ за користењето на вакцината против ковид-19 на „Фајзер“ и „Бионтек“

52

Вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ веќе ја одобрија за користење Велика Британија, САД, Европската Унија, Израел, Саудиска Арабија и други земји во светот.

Светската здравствена организација (СЗО) вчера ја издаде првата итна дозвола за користење на вакцина против ковид-19. Станува збор за вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“. Во соопштението на СЗО се вели дека ваквиот потег треба да ја отвори портата за државите низ светот во нивните регулаторни тела да ги забрзаат процедурите за увоз и имунизација со оваа вакцина.

„Ова е многу позитивен чекор кон обезбедување на глобален пристап до ковид-19 вакцините. Но, би сакал да ја истакнам потребата за уште поголем глобален напор за да се постигне доволно голема понуда на вакцини, која ќе ги задоволи потребите на популацијата на која и е најпотребна, секаде низ светот“, изјави д-р Мариангела Симао, помошник-директор во СЗО за пристап до лекови и медицински производи.

СЗО и партнерите работат деноноќно за да ги оценат и другите вакцини кои ги достигнаа стандардите за ефикасност и безбедност. Вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ веќе ја одобрија за користење Велика Британија, САД, Европската Унија, Израел, Саудиска Арабија и други земји во светот, но вистински предизвик ќе биде пронаоѓањето на вакцина против ковид-19 за земјите со послаби здравствени системи, кои се силно зависни од СЗО за да добијат вакцина за имунизација на населението од ковид-19.