„Се фрлаат во борбата како топовско месо“ – војник ја опиша тактиката на војување

227

Украински војник, стациониран во село во близина на Бахмут, ја опиша руската тактика што се користела за напад на тој град. „Ги фрлаат како топовско месо“

Како што за „Вашингтон пост“ опиша 48-годишниот Димитро Ватагин, украински војник стациониран во соседното село Иванивск и член на доброволната 24-та бригада, членовите на платеничката група „Вагнер“ се првите кои тргаат во јуриш, и тоа рано в зори.

„Тие се обидуваат да напаѓаат во неправилни и непредвидливи шеми, навидум без јасна стратегија, што прави да изгледаат неподготвени за битка. Дури подоцна во текот на денот подобро обучените руски сили влегуваат во битката, обидувајќи се да направат вистински пробив“, рече тој, додавајќи: „Тие се фрлаат во борбата како топовско месо“.

Тој исто така рече дека овие напади доаѓаат во бранови и дека многу борци гинат во нив.

„Полесно е да се борите со руската армија бидејќи можете да разберете што ќе прават и како да се борите против нив“, објасни Ватагин.

Но, и покрај големите загуби од двете страни и поплаките на украинските војници дека се борат во очајни и неодржливи услови, канцеларијата на украинскиот претседател издаде соопштение во кое се вели дека Валери Залужни, врховен воен командант на Украина и Олександр Сирскиј, командант на копното силите, кои ги насочуваат операциите на исток, го поддржаа зајакнувањето и продолжувањето на одбраната на градот.

Но, врз основа на сведочењата на војниците околу Бахмут и во самиот град, ситуацијата е се потешка.

Единицата на Ватагин е задолжена за следење на патот што го поврзува Иванивске со Бахмут. Тој пат сè уште е изложен на руски артилериски напади, но е клучна рута за снабдување. Во последните два дена, рече Ватагин, изгубиле осум извидувачки беспилотни летала, а двајца нивни војници биле ранети.

„Наредено ни е да го задржиме патот до Бахмут за да се погрижиме нашите момци да добијат сè што им треба. И ние ќе го држиме додека не ни кажат поинаку“, објасни Ватагин за „Вашингтон пост“.