Се уредува коритото на поројот во село Гермијан

179

Општина Новаци ги почна градежните активности за уредување на коритото на поројот во село Гермијан, чија должина е над 220 метри. Средствата за оваа инвестиција во износ од седум милиони денари се обезбедени од Владата, трансферирани преку Центар за развој на пелагонискиот плански регион.

– Во овој период ја реализираме втората фаза која е континуитет на првата кога беа уредени 806 метри од коритото на поројот, а за што поддршка имавме од ИПА-фондовите. Со реализацијата на овој проект во иднина ќе нема поплавување на куќите и дворовите на локалното население кои се наоѓаат во близина на поројот. Со овој проект ќе има зголемување на приносите од земјоделието, намалување на загадувањето на сливното подрачје на река Црна и ќе се подобрат условите за живот на жителите – истакна Љубе Кузманоски, градоначалник на Општина Новаци.

Во реализацијата на регионалниот инфраструктурен проект индиректно се вклучени и општините Битола и Могила.