Се укинува забраната за извоз на коскесто овошје во Русија

235

Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската федерација од понеделник целосно ја укинува забраната за увоз на коскесто овошје. Конкретно, од понеделник од нашата држава во Руската Федерација ќе можат да се извезуваат цреши, вишни, сливи, кајсии, праски и нектарини, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Увозот на праски и нектарини од Република Северна Македонија во Руската Федерација, посочуваат од МЗШВ, е одобрен со гаранции од македонските надлежните фитосанитарни служби дека тие потекнуваат од подрачја во кои е утврдено дека нема присуство на габата Monilinia fructicola (Winter) Honey.

Дополнително, секоја пратка од праска и нектарина наменета за рускиот пазар, што потекнува од незаразено подрачје, ќе биде пропратена со веродостојни лабораториски анализи издадени од нашата Државна фитосанитарна лабораторија со акредитирани методи за анализа на оваа габа.

– Забраната за извоз на коскесто овошје во Русија, стапи на сила во август минатата година по потврденото присуство на штетниот организам Monilinia Fructicola во Република Северна Македонија. Сега оваа забрана се укинува по извршената инспекција од страна на руските федерални служби за фитосанитарен надзор, која се реализираше на крајот на април годинава. Инспекторите од руската федерална служба спроведоа детална контрола на функционирањето на целокупниот фитосанитарен систем. Оваа одлука е од големо значење за македонските извозници и за зголемување на извозот на земјоделски производи во Русија, се вели во соопштението.

Руската Федерација е значаен економски партнер на Република Северна Македонија, а трговската размена меѓу двете држави бележи значителен пораст. Само во првите месеци од годинава, за 90 отсто е зголемен извозот на земјоделско-прехранбени производи од Република Северна Македонија во Русија, споредбено со истиот период минатата година. Зголемениот извоз од Република Северна Македонија кон Русија во делот на земјоделско-прехранбените производи се должи пред се на извозот на јаболка, нo тренд на пораст се бележи и кај другите производи кои се извезуваат на рускиот пазар.

Интензивирањето на економската соработка и зголемувањето на трговската ќе биде централна тема на наредната седница на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу двете земји, што ќе се одржи на крајот на септември во нашата држава.