По повеќемесечни подготовки, „Скопје Филм Студио“ го започна снимањето на новиот долгометражен игран филм на режисерот Даријан Пејовски, насловен како „Мими“. Ова е втор долгометражен филм на Пејовски, кој во својата филмска биографија како режисер ги запиша „Три дена во септември“ (2015), неколку краткометражни филмови, а во изминатиот период работеше и на ТВ-сериите „Фамилија Марковски“, „Инсајдер“ и „Преспав“.

„Во овој филмски проект, режисерот фокусот го става на два женски лика, портретирани од млади македонски актерски таленти, кои ќе имаме можност да ги видиме во филмските кадри поддржани од искусна машка актерска екипа, предводена од Оливер Митковски. Преку разработка на психолошките аспекти на несовпаѓањето со средината и обидите за воспоставување на емоционална рамнотежа во општество базирано на алчност и површност, низ призмата на новите генерации, во стил карактеристичен за Пејовски, ‘Мими’ претставува повик за освестување на одредени аспекти од личноста на секој еден од нас“, посочува продуцентската куќа.

Како што ќе истакне режисерот Даријан Пејовски, „Мими“ е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. „Таа се запознава со eкстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија. ‘Мими’ е филм за површноста и лажните фасади што ги покажуваме пред другите“, посочува Пејовски.

Филмскиот проект е финансиски подржан од македонската Агенција за филм и, како што посочуваат од „Скопје Филм Студио“, се снима согласно утврдените протоколи за филм и заштита на јавното здравје. „И покрај ситуацијата со Ковид-19 во која се наоѓаме, Агенцијата продолжи континуирано да поддржува проекти од национален интерес, придонесувајќи кон одржувањето во живот на нашата филмска фела и сите филмски работници кои се дел од неа“, вели Томи Салковски, продуцент на филмот. Снимањето официјално започнало на 13 октомври и најавено е да трае до 16 ноември, а планирано е да се реализира на повеќе локации во Скопје.