Познатиот кениски атлетичар, Хозе Мвок Макаринјанг (35) е пронајден мртов во продавница во близина на неговиот дом, објавија утрово медиумите од оваа африканска земја.

Макаринјанг е поранешен трикратен светски шампион на долги патеки, а специјализиран беше за трките на 10.000 метри.

Учествуваше на вкупно пет светски првенства и освои три тимски златни медали во крос (2006, 2007 и 2008 година), а телото го пронајдоа членовите на неговото семејство. Неофицијално, спортистот се обесил, а најблиските не се ни посомневале дека може да се случи нешто толку трагично.

Ден пред самоубиството, иако се уште не е потврдено, тој го поминал со животните на фармата. Во близина на него биле пронајдени и два телефони, а полицијата веднаш отвори истрага и повеќе ќе се знае по обдукцијата.

Кенискиот спортист не се натпреваруваше од 2012 година, но се подготвуваше за голем кам-бек.