Моето искуство кажува дека треба да оформиме квалитетна база на млади ракометари. Многу е важно да се работи со млади категории. Мислам дека многу заостануваме во тој поглед и ваквите проекти од ваков тип треба да се поддржат и заеднички да соработуваме и да пробаме да изградиме нови македонски спортисти кои заслужено ќе го носат националниот дрес, изјави најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров, кој ќе биде партнер од доверба во новиот клуб

Од наредната сезона во Првата македонска ракометна лига ќе се натпреварува уште еден клуб. Станува збор за новиот проект РК Алкалоид, колектив кој со големи амбиции влегува во ракометните води, во нашата земја

Оваа екипа ќе се потпира на млади играчи, кои ќе имаат шанса да се докажуваат и да се афирмираат во врвни ракометни имиња. Главниот финансиер ќе биде компанијата „Алкалоид“, на чело со првиот човек на компанијата и претседател на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов. Претседател на клубот ќе биде Горан Минов, кој е поранешен ракометар и член на менаџментот на компанијата, додека партнер од доверба ќе биде најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров и неговиот познат бренд „КЛ7“.

-Ракометниот клуб Алкалоид е формиран со одлука на Управниот одбор на компанијата и ќе настапува во Првата машка лига. Се одлучивме за ваква стратегија зашто токму оваа таканаречена Втора лига во националниот систем на натпревари е место каде што се кршат копјата и се кали челикот кога станува збор за млади ракометни надежи. Нашата цел е тие млади таленти, кои ќе покажат желба и потенцијал, правилно да ги насочиме и моделираме, според дефиниран систем на функционирање правилна работа и вистински спортски животни вредности. Тоа е нашата главна цел во компанијата, која е покровител на овој проект, а основните начела ќе бидат пренесени и во овој клуб. Цврсто ќе настојуваме да се промовираат позитивните вредности интегритетот и кредибилитетот на севкупното работење. Функцијата претседател на клубот ќе ја извршува Горан Минов, кој е поранешен ракометар, познат на ракометната јавност и член на менаџментот на „Алкалоид“.  Наш партнер од доверба во овој потфат е ракометниот бренд од светски размери, кој поседува големо знаење и искуство од овој спорт и за кого Македонија е среќна што го има, тоа е Кирил Лазаров, кој ќе ни објасни повеќе околу стратешките планови на овој проект, изјави Мукаетов.

  • Ова е проект за доброто на македонската држава. Чест и задоволство ми е да бидам дел од овој проект, каде што главната улога ќе има една реномирана компанија, светски призната од светски размери – „Алкалоид“. Ќе работиме заедно, ќе работиме за доброто на македонскиот ракомет, за доброто на македонскиот спорт. Моето искуство кажува дека треба да оформиме квалитетна база на млади ракометари. Многу е важно да се работи со млади категории. Мислам дека многу заостануваме во тој поглед и ваквите проекти од ваков тип треба да се поддржат и заеднички да соработуваме и да пробаме да изградиме нови македонски спортисти кои заслужено ќе го носат националниот дрес. Во земјите како Франција и Германија, постојат многу центри за формирање на млади играчи и јас ќе пробам заедно со оваа соработка да го пресликаме тој модел. Иако нашата држава е многу мала вакви проекти се многу важни за да изградиме квалитетна иднина на македонскиот ракомет. Полесно ќе биде ако уште од сега почнеме да размислуваме во тој поглед и да изградиме квалитетна база за потоа да не стравуваме во наредните петнаесет години.  Целта на овој проект е на младите да им овозможиме квалитетен тренажен процес, квалитетен стручен кадар со кој ќе можат да тренираат и да се запознаат со методите на работа. Подготвени сме за соработка и со другите клубови се со цел за доброто на македонскиот спорт. Само заеднички можеме да ги оствариме целите и во  иднина да имаме квалитетна македонска репрезентација, истакна Лазаров

Претседателот на клубот, Минов истакна дека посветено ќе се работи со младите надежи во РК Алкалоид.

-РК Алкалоид го има концептот според големите европски клубови. Оперативно работењето со младите надежи во клубот ќе биде фокусирано на подобрување на тренажниот процес на младите македонски ракометари. Константно ќе работиме на подобрување на нивната натпреварувачка и турнирска форма, преку воведување на современи технологии во тренажниот процес. Нашата цел ќе биде модерен ракомет и издигнување на ракометната игра на највисоко ниво. Факт е дека во земјава има многу деца кои сакаат да се занимаваат со ракомет, а примарна цел ќе ни биде преку  специфични тренинзи и техники тие да прераснат во квалитетни и конкурентни ракометари, вели Минов

Натпреварите и тренинзите на РК Алкалоид ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“, а за стручниот штаб и кои играчи ќе го облечат дресот на новиот прволигаш дополнително ќе информираат. (С.Т)

 

Фото: П. Стојановски