Се роди машко бебе Патас, да беше женско ќе го крстеа Атиџе

423

Јагне, три јариња, белоносести коати, машко бебе патас се новите жители на скопската ЗОО. Наскоро се очекува да пристигнат белиот лав Чека, бела мечка, пеликани. Во завршна фаза е живеалиштето на фламингата и пингвините, а би требало да биде готово напролет. Исто така, интензивно се гради и Дино паркот  

 

Скопската зоолошката градина го зголемува бројот на жители. Дел од нив се принова, додека дел се набавени од зоолошки градини со кои соработува нашата.

Како што информира Тина Мицковска, портпарол во Зоолошката градина, деновиве добиле четири најнови принови. Се работи за преслатко јагне и три јариња, од кои едното е женско.

А претходно, пак, токму кога документарниот фил Honeyland беше номиниран за два оскари, во Зоолошката Скопје се родило и првото бебе годинава. Се работи за бебе патас-мажјак кое заедно со мајката патас, како што вели Мицковска се во добра состојба.

Ако беше женско ќе го крстевме по главната протагонистка во филмот Медена земја, Атиџе, но е машко и уште нема име – се шегува Мицковска.

Исто така, до крајот на неделава од Аменвил, Франција, треба да пристигне белиот лав Чака, кој го чека белата лавица Бела, која во зоолошката од Ходенхаген, Германија пристигна на 11 јануари.

– Тие имаат живеалиште, во делот каде што се лавовите и тоа по сите потребни стандарди и ќе живеат заедно – објасни Мицковска.

Инаку, белите лавови не се албино, туку имаат посебни гени и се еден од најзагрозените видови во светот.

За првпат, овој месец Скопје ЗОО стана дом и на белоносести коати. Овие преслатки цицачи пристигнаа од Љубљана, а како вид потекнуваат од шумските предели на Централна и Јужна Америка. Се нарекуваат уште и коатимунди. Коатите тежат до 4 килограми и со своите опашки многу потсетуваат на ракуните.

Освен тоа, управата на Скопската зоолошка се залага меѓу животните да донесе и пеликани , но и поларна мечка.

– Директорот на Скопската зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски беше во службена посета на најстарата зоолошка во светот „Шонбурн“ во Виена. Нашите конекции со нив се одлични. Тие се наши пријатели и соработници, и се надеваме дека ќе ни помогнат Скопје зоо да добие поларна мечка и пеликани – најави Мицковска и додаде дека порано во градината ги имало овие водни птици.

Таа информираше дека најпрво ќе се набават два пеликана, а подоцна и поларната мечка.

– За пеликаните ќе се најде простор, но за поларната мечка ќе треба да се направи ново живеалиште, за што ќе биде потребно време. Се уште не се знае кога ќе пристигнат пеликаните. Тоа не зависи од нас, туку од зоолошката Шонбурн во Виена, кога тие ќе имаат вишок пеликани и кога ќе бидат во можност да ги транспортираат – објасни Мицковска.

Во Зоолошката се планира да се донесат и мали животни – алпаки кои наликуваат на мини лами.

Портпаролката Мицковска најави дека во завршна фаза е живеалиштето на фламингата и пингвините, а би требало да биде готово напролет.

– Фламингата и пингвините треба да пристигнат во јато од 10 до 12. Сè уште не се знае од каде ќе бидат набавени тие. Тоа е долг процес – потенцира Мицковска.

Од октомври интензивно се гради и Дино паркот.

– Се прават патеките, ѕидовите и влезот. Кога ќе заврши првата фаза, ќе следува втората, монтирањето на диносаурусите, за што претходно ќе биде распишан тендер. Постојат специјализирани фирми што изработуваат вакви диносауруси за зоолошки градини и паркови – објасни Мицковска.

Станува збор за тематски парк со забавно-едукативен карактер кој ќе овозможи забава и едукација за посетителите од сите возрасти кои сакаат да дознаат нешто повеќе за праисториските животни. Дино паркот ќе се простира на површина од околу 2.000 квадратни метри, а во него ќе се постават 41 фигура од различните видови праисториски животни кои ќе бидат во природна големина и со синхронизирани движења, дишења, трепкања и проследено со звуци.

На почетокот на изградбата на овој парк, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, истакна оти очекува овој парк да прерасне во туристичка атракција која ќе ја збогати туристичката понуда  во Скопје.

За изградбата на овој парк предвидени се околу 20 милиони денари од градската каса што се распоредени во две буџетски години.

Како што тогаш најави Шилегов, паркот се планира да биде завршен во првата половина од годинава. Посетителите во Дино паркот во природна големина ќе може да ги видат најпознатите праисториски животни, како Т-Рекс или попознат како тираносаурус, потоа стегосаурус, овираптор, алосаурус, анкилосаурус, трицераптор, како и интересни интерактивни поставки со повеќе мали диносауруси.

(А.П.)