Се реконструира улицата „Благоја Стефковски“

423

Град Скопје продолжува со практиката реконструкциите на улиците да се вршат и во текот на ноќта, со цел колку е можно да се скрати времетраењето на градежните работи и на тој начин да се избегне непотребниот сообраќаен метеж кој настанува со целосното или делумното затворање на улиците.

Така е и со улицата „Благоја Стефковски“ во населбата Маџари која започна да се санира.

-Реконструкцијата на овој дел од улицата „Благоја Стефковски“ ќе се искористи и за замена на дел од старата подземна инфраструктура со нова, онаму каде што има потреба, со цел да се избегне прекопувањето на новиот асфалт по завршувањето на реконструкцијата – потенцираат градските власти.

Обновата ќе се врши во неколку етапи, со цел да не се создава хаос во сообраќајот.

-Во првата етапа ќе се реконструира потегот од крстосницата кај улиците „15-ти Корпус“ и „Методија Андонов – Ченто“, до крстосница со улицата „Петре Филиповски – Гарката“ и свртувањето кон улицата „Перо Наков“ и Металски Завод – Тито, со вкупна должина од 840 метри – велат од Општината Гази Баба на чија територија се наоѓа оваа улица.

По завршувањето на првата фаза од реконструкцијата, ќе се направат и пешачки и велосипедски патеки кои ќе ги спојат населбите Маџари и  Методија Андонов Ченто со преостанатата велосипедска мрежа во градот.

Овој проект ќе чини 16,3 милиони денари, со реализација на Град Скопје.

Од Градот и од Општината Гази Баба ги замолуваат граѓаните за разбирање и да имаат трпение додека се обновува улицата.