Се реконструира улицата “Антон Димитров” во Драчево

251

На улицата “Антон Димитров” која секојдневно ја користат жителите на Драчево и околните населби во општината Кисела Вода, ќе биде воведен привремен режим на сообраќај поради изведување на градежни активности. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој беше во увид на работите рече дека ќе се асфалтираат околу 10.000 квадратни метри од улицата со должина од 1.450 метри, а ќе биде поставен и бекатон на тротоарите со површина од околу 6.500 квадрати.

– Град Скопје годинава ќе реконструира повеќе булевари и улици што се во наша надлежност. Ја издвојувам првата фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот АСНОМ, реконструкцијата на дел од булеварот “Партизански одреди” и на улиците “Февруарски поход”, “Лазар Личеноски”, “Брадфордска”, како и обновата на “Антон Димитров”, поранешната улица “Жарко Зрењанин”. Реконструкцијата на улицата “Антон Димитров” е предвидено да заврши оваа година, а Градот Скопје за овој зафат ќе потроши околу 19,4 милиони денари – рече Шилегов.

Тој истакна дека Град Скопје продолжува со редовната реконструкција на сите оштетени улици.

– Граѓаните на Скопје заслужуваат безбедни улици, без дупки, каде што движењето ќе се одвива непречено. Треба да овозможиме сообраќајот во нашиот град да се одвива побезбедно и поефикасно – нагласи Шилегов.