Се реконструира „Св. Архангел Михаил” во Берово

55

Започнуваат градежните активности за реконструкција на 200 години стариот манастирски комплекс „Св. Архангел Михаил” во Берово. Според надлежните, станува збор за проект од големо национално значење и проект кој ќе обезбеди заштита на културното наследство и традицијата.

„Во првата фаза од проектот, променета беше покривната конструкција, а во втората фаза предвидено е целосно да се заштити манастирот, преку дренажа на надворешниот дел околу црквата, промена на подната конструкција и конструкцијата под подот, промена на бетонски дотраени столбови на црквата и на електриката“, информираа надлежните.

Градоначалникот Звонко Пекевски посочи дека изведувачот на активностите веќе е воведен во градба.

„Одобрени се средства од Министерството за култура за реконструкција на нашето двевековно духовно богатство и веќе изведувачот е воведен во градба, за да се пристапи кон реализација на овој проект, кој е од витално значење во зачувувањето на нашите непроценливи вредности“, истакна Пекевски.

Средствата во износ од околу 3 милиони денари за реализација на овој проект се обезбедени од Програмата за проекти од национален интерес на Министерството за култура, преку Општина Берово.

Карактеристични за овој манастир се двовековната непрекината традиција со женско монаштво, изработката на мозаици од вредните раце на монахињите и разиграниот конак, кој со својата дрвна конструкција обликувана во староградски стил, привлекува со својата реткост и топлина.