Се реконструираат улици во населбата Сењак

117

Почна реконструкцијата на улиците низ штипските населби. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој денеска изврши увид во градежните активности на улицата „Плачковички одред“ истакна дека со оваа улица почнува и градежната сезона и рехабилитација на улиците низ населбите.

– Улицата „Плачковички одред“ беше во многу лоша состојба, бидејќи овде имаше многу ударни дупки, а е асфалтирана пред 30 години. На барање на граѓаните ја вршиме санацијата. Денеска продолжуваме со подобрување на инфраструктурата во населбата Сењак, каде што се реконструира крак од улицата „Сремски фронт“, вели Бочварски.

Тој истакна дека се поставуваат 2.300 квадратни метри асфалт, а инвестицијата изнесува еден милион денари. Средствата се обезбедени од буџетот на Општина Штип. Бочварски забележа дека со подобрување на временските услови веќе низ населбите и населените места ќе почне реализацијата на проектите, кои за оваа година се утврдени да ги реализираат преку Програмите за работа.