Се редизајнира третата зелена површина во Аеродром

179

Градот Скопје денеска започна со редизајн на третата од вкупно четири локации кои се дел од иницијативата на Центарот за иновации „Скопје Лаб“.

Станува збор за редизајн на зелена површина  од 2.000 квадратни метри на крстосницата помеѓу булеварот „Јане Сандански“ и улицата „Владимир Комаров“, на територијата на општина Аеродром.

Со помош на оваа иницијатива директно се вклучуваат граѓаните во редизајнирањето на постојни зелени површини, во согласност со нивните потреби за одмор, релаксација, дружење и сл.

Вредноста на проектот е околу 3,7 милиони денари, а активностите се очекува да завршат за 30 дена.

Локацијата е избрана од страна на граѓаните, како една од седумте локации во Скопје  идентификувани во рамките на иницијативата на „Скопје Лаб“ и УНДП која започна во 2018 година.

-Вклучени беа разни возрасни групи на граѓани во процесот преку користење на квалитативни и квантитативни методи за утврдување на потребите на граѓаните кои живеат во овој дел од населбата. Мапирани беа дневните и ноќните активности, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст-информираше скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Тој уште еднаш потсети дека годинава со над 115.000 квадратни метри нови и обновени зелени површини повторно е урнат годишниот рекорд на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, а есенската сезона на зазеленување е пред самиот почеток.

-Работиме со полна пареа да обезбедиме функционална животна средина на граѓаните во Скопје која ќе подразбира квалитетна инфраструктура со доволно зеленило, со цел граѓаните да можат со уживање да ги спроведуваат своите редовни секојдневни активности – заклучи Шилегов.

(А.П.)