Кога во 2011 година стана сопственик на ПСЖ, катарскиот милијардер Насер Ал-Келаифи, го изјави следното: „Сонувам големи работи. Сакам да изградам тим кој ќе биде на европскиот врв. За да успеете во тоа, мора да ги купите најдобрите играчи, а ние тоа го правиме. Убеден сум дека ќе се реализира нашиот сон. Планот е во следните три години да бидеме шампиони на Франција и да бидеме максимално конкурентни во Лигата на шампиони“.

Осум години подоцна и повеќе од милијарда евра потрошени, ПСЖ е на крстосница и не знае по која патека да тргне, а сите се тешки. Се делуваше идеално до јануари, а неколку месеци подоцна, ПСЖ е како топовско месо. За време на последното интервју кое го даде за „Франс Фудбал“, Ал-Келаифи делуваше максимално нервозно и несигурно во споредба со интервјуто кое го даде откако го купи ПСЖ.

  • Играчите мора да бидат свесни за својата одговорност. Работите од сега ќе бидат сосема поинакви. Играчите ќе мораат повеќе да работат, да се трудат, а на тие што ова не им се допаѓа – вратата им е отворена. Чао! Мора да сфатат дека не се тука за да се зафркаваат, туку сериозно да работат. Нема веќе никакви ѕвезди, изјави Ал-Келаифи и потврди дека ќе го продаде Неимар ако добие примамлива понуда.

Француската јавност остана во шок поради таквиот став на сопственикот, а медиумите тврдат дека таквиот настап на Ал-Келаифи е доказ за очајната состојба во клубот, соблекувалната и ходниците од „Паркот на принцовите“. Раководните лица се свесни дека и покрај 20-те освоени трофеи, проектот не може да биде дефиниран како успешен.

Nasser Al Khelaifi president of PSG during the Press conference of the new head coach of Paris Saint Germain at Parc des Princes on May 20, 2018 in Paris, France. (Photo by Anthony Dibon/Icon Sport)

Милионските суми кои беа одвоени за Неимар, Кавани, Ибрахимовиќ, Мбапе и за останатите играчи не беа инвестирани за да истите си поигруваат со недораснатите противници во Лига 1, туку беа инвестирани за да ја фрлат Европа на колена. За жал, ПСЖ не беше ниту блиску до такво нешто.
Сите ситни проблеми кои се акумулираа во изминатите години испливаа на површината во финишот од изминатата сезона, после елиминацијата од Манчестер Јунајтед во 1/8 финалната рунда од Лигата на шампиони.

Под сопственост на катарскиот милијардер ПСЖ дојде само до 1/4 финалната рунда. Не постои таков тренер кој може да гарантира титула во ЛШ, но ретко кој веруваше дека тимот од милијарда евра ќе функционира толку лошо. Се сменија многу тренери, беа ангажирани многу ѕвезди, но не се исполни најавата на Ал-Келаифи од 2011 година.

Заминувањето на Џиџи Буфон и Дани Алвеш беше знак дека нешто не е во ред. Точно дека станува збор за ветерани, но двајцата ја одбија понудата за продолжување на соработката за уште една сезона. Француските медиуми открија дека двајцата го осетиле силното непочитување во соблекувалната, особено од помладите играчи. Според дописникот на ЕСПН од Париз, вината за таквата ситуација лежи во Ал-Келаифи кој сака да биде голем пријател со сите играчи. Присуствуваше на роденденот на Неимар, неколку играчи имаа посебен третман, а тоа не им се допадна на останатите фудбалери. Со неколку збора, играчите станаа поголеми од клубот.

По елиминацијата од Јунајтед, помладите фудбалери на своите профили кои ги имаат на социјалните мрежи напишаа дека натпреварот не бил сфатен како што треба. Тоа не им се допадна на постарите кои сметаа дека децата зборат и во нивно име. Без санкција поминаа играчите кои редовно доцнеа на тренинзите, а неколку играчи добиле одмор и пристигнале во Париз два часа пред да стартува реванш дуелот против Јунајтед. Француските медиуми открија дека било хаоточно во соблекувалната по натпреварот, капитенот Тиаго Силва молчел, Алвеш зборувал со повисок ток, но не добил поддршка од помладите играчи, а Ал-Келаифи ја скршил вратата од соблекувалната.

Неколку недели подоцна, ПСЖ прими пет гола од Лил, загуби од Нант, а во финалниот натпревар од Купот на Франција беше поразен од Рен. На крајот од натпреварот Неимар се обиде физички да се пресмета со еден гостински фан.
Откако сфати дека нема излез, плус притиснат и натписите за корупција, Ал-Келаифи најави големи промени во клубот. Си заминаа Буфон и Алвеш, Рабиот, а по истата патека треба да тргне и Неимар. Бразилскиот интернационалец пред неколку дена ги информираше клупските челници дека сака да си замине од „Паркот на принцовите“, а и најмалиот фудбалски фан знае дека Неимар сака по секоја цена да направи кам-бек во редовите на Барселона. Од продажбата на Неимар ќе биде заработена голема парична сума, а ПСЖ може да добие и двајца играчи кои моментално се дел од каталонскиот гигант. „Светците“ треба да одберат од Филипе Кутињо, Иван Ракитиќ, Самуел Умтити и Малком.

Килиан Мбапе ќе остане, но и тој не е „цвеќе за мирирање“. И младиот напаѓач важи за миленик на сопственикот и има дозвола да прави сè што сака, а тоа не им се допаѓа на останатите играчи.
Никој не може да ја предвиди иднината на ПСЖ кој има фантастични навивачи, одлична академија, прекрасен стадион, но и погрешна стратегија. Прашање е и дали Ал-Келаифи ќе остане во игра. Обвинет за корупција кога е во прашање СП во атлетика во 2017 година, а наводно бил дел и од лобирањето за Олимписките игри во 2020 година. Исто така Ал-Келаифи е сопственик на телевизиската станица БеИН Спорт која до 2013 година беше дел од Ал-Џазира, која пак под сомнителни околности ги доби телевизиските права за Светското првенство во Катар 2022 година.