Популарниот македонски поп-пејач Ѓоко Ѓорчев, кој редовно настапува дома и во странство, а кој нагалено го викаме македонски Том Џонс, освен во музиката, одлично се разбира и во модата. Кај него неизбежен е во последно време еден актуелен светски моден хит, белата шапка. – Многу добро забележавте вие од ВЕЧЕР дека белата шапка ми е заштитен моден знак и во зима и во лето. Откако добив грст комплименти решив веќе да не ја симнувам од глава, единствено, се разбира кога одам на спиење.

Не само што добро ми се совпаѓа со мојот имиџ во овие години туку, рака на срце, многу си ги засакав шапките, особено ги сакам кога е топло летно време, кога ме штитат и од сонцето. За самата сцена имам и други шапки во разни бои, но сметам дека белите ми се слабост. Велат дека ги потсеќам на италијанските пејачи кои се незаменливи со своите канцони, а тие Италијаните важат за вистински шмекери на сцената. Така да очекувајте ме и на секој мој следен концерт или настап во некоја таква модна комбинација, вели Ѓорчев за ВЕЧЕР кој наскоро за своите фанови подготвува нови песни, нов албум, но и еден целовечерен концерт.  Дуле М.