Се пријавуваат како невработени, а одбиваат работа за плата од 30.000 денари!

Ако барам 100 неквалификувани работници, 40 проценти ќе ми кажат дека веќе работат, 40 проценти ќе кажат дека се скоро оперирани, болни, ги боли половината и слично, а останатите 20 проценти едноставно ми велат дека не сакаат да работат. Ако барам 10 лица за лепење декларации, за што дневно се плаќа по 1.200 денари, ќе најдам најмногу 5-6 луѓе, а и тие се главно студенти или средношколци. Не можам да разјаснам зошто воопшто се пријавуваат како невработени ако не бараат работа, вели за весникот ВЕЧЕР, Раде Ненадиќ, сопственик на агенцијата за привремено вработување „Партнер“

814

Интензивно се празни списокот на невработени во државата. Од почетокот на годинава до крајот на април, според евиденцијата на Агенцијата за вработување, бројот на лица кои активно бараат работа е помал за околу 5.300, а само во април е намален за близу 3.500. Има намалување и кај пасивните баратели на работа. На тој список во април има околу 1.700 лица помалку отколку во јануари.

Официјално, Агенцијата оперира со податок дека има 122.454 активни и 4.837 пасивни баратели на работа. Меѓу пријавените невработени има и 15.982 лица кои работеле, но работното место го изгубиле во периодот по 11 март 2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од ковид-19 вирусот.

Познавачите на состојбите сметаат дека ова намалување на бројот на невработени што се случува уште од почетокот на минатата година не се должи само на заминувањето на младите на работа во странство.

-Јас уште пред повеќе од 10 години тврдев дека невработеноста во нашата држава е на нивото на Европската Унија, под 10 проценти, односно реално се движи меѓу пет и седум проценти, иако тогаш официјално се оперираше со некаде околу 35 проценти. Тврдам дека околу 90 отсто од пријавените невработени веќе работат некаде или физички не се способни за работа. Порано како невработени се пријавуваа лица кои не бараа работа само за да добијат здравствено осигурување, но веќе 10 години здравственото осигурување не е врзано со работниот статус, па не ми е јасно зошто некои луѓе уште се  пријавуваат во Агенцијата, иако не бараат работа, вели за весникот ВЕЧЕР, Раде Ненадиќ, сопственик на агенцијата за привремено вработување „Партнер“.

Тој додава дека со обезбедување мајстори секогаш имало проблем, но сега тешко се наоѓаат и работници за наједноставни работи за кои не се потребни квалификации, како на пример за лепење декларации и слично, иако некои фирми за тоа одлично плаќаат. Од искуството што го има од работата со агенцијата „Партнер“ вели дека симптоматично е тоа што некои лица од списокот на невработени на Агенцијата за вработување одбиваат работа со плата од 30.000 денари, а понуди за работа не прифаќаат ниту лицата без никакви квалификации, кои се најбројни меѓу невработените.

-Ако барам 100 неквалификувани работници, 40 проценти ќе ми кажат дека веќе работат, 40 проценти ќе кажат дека се скоро оперирани, болни, ги боли половината и слично, а останатите 20 проценти едноставно ми велат дека не сакаат да работат. Ако барам 10 лица за лепење декларации, за што дневно се плаќа по 1.200 денари, ќе најдам најмногу 5-6 луѓе, а и тие се главно студенти или средношколци. Не можам да разјаснам зошто воопшто се пријавуваат како невработени ако не бараат работа, посочува Ненадиќ.

Не знае зошто се пријавува како невработен ниту скопјанецот Стојан. Тој вели дека редовно оди како на прошетка во Агенцијата и се пријавува како невработен.

-Зошто да не се пријавувам, кога навистина сум невработен. Живеам во близина на Агенцијата и не ми е тешко да одам до таму. А јас всушност веќе не барам работа, зашто за десетина месеци ќе одам во пензија. Долги години сум невработен и веќе не ми се работи, но од каде да знам, можеби еден ден ќе имам некоја корист од тоа што сум на списокот на невработени, вели тој.

Според Ненадиќ во намалувањето на невработеноста удел има и одливот на работната сила во странство, но не толкав колку што се мисли, зашто, како што вели и таму заработката не е како што беше.

-Има удел и заминувањето во странство, ама во нашата држава не постои евиденција, никој не знае колку се отидени во странство. Но и работата надвор од државата не е веќе толку привлечна како порано. И таму последниве години цените се многу зголемени, а платите се малку покачени, па кога ќе се пресметаат трошоците за храна и кирија,  заработката излегува многу помала од порано, дури иста како во некои фирми кај нас, додава Ненадиќ.

Според најновите податоци на Агенцијата за вработување во април како невработени се пријавиле 5.553 лица, од кои 2.687 претходно работеле, а 739 се пријавиле за првпат. Во истиот период од списокот на лица кои активно бараат работа се избришани вкупно 9.006 лица. Од нив 2.094 се вработиле, близу 700 преминале во евиденцијата на пасивни баратели на работа, а останатите ги избришала Агенцијата затоа што не се пријавувале редовно.

(С.В.)