Се почитува примирјето во Идлиб

87

Воздушните напади врз Идлиб, северозападна Сирија утрово се стопирани откако стапи во сила примирјето што го најави Русија, соопшти невладината сириска Опсерваторија за човекови права.

Нема воени авиони на небото и престанаа воздушните напади, изјави директорот на Опсерваторијата, Рами Абдел Рахман.

Тој додаде дека нема судири и помеѓу провладините сили и бунтовниците на приодите кон областа откако примирјето утрово стапи во сила, но оти продолжува ракетирањето и артилериските напади.

Руската армија синоќа објави едностран прекин на огнот што се однесува само на сириската армија.

По повеќемесечно интензивно бомбардирање на руската и сириската авијација, силите на претседателот Башар ал Асад на 8 август презедоа копнена офанзива во провинцијата Идлиб, која е под контрола на екстремистите од Хахат Тахрир ал Шама, поранешен сириски огранок на Ал Каеда.

Владините сили во четвртокот освоија нови подрачја во Идлиб откако повторно воспоставија контрола врз стратешкиот град Кан Шејкун, во јужниот дел на Идлиб.
Со посредство на Турција и Русија, во Сочи на 17 септември 2018 година, е постигнат договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од тој регион, а силите лојални на Асад не ги запрера артилериските и воздушните напади во тој регион