Се поставуваат  ЛЕД-светилки на главните сообраќајници во Битола

181

Битолското јавно комунално претпријатие „Комуналец“, кое е задолжено за комунален сервис за одржување на електричната мрежа за улично осветлување во Битола, интензивно врши промена на уличните светилки на главните сообраќајници во градот.

Од ЈП „Комуналец“ информираат дека новиот начин на осветлување на најфреквентните сообраќајници со поставување на ЛЕД-светилки ќе овозможи поголемо осветлување на улиците, поголема безбедност во сообраќајот, заштеди на електрична енергија и намалување на материјалните трошоци.

– На подрачјето на Општина Битола има повеќе од 8.000 сијалични места за чие одржување се грижиме од денот кога Советот на Општина Битола донесе одлука за пренесување на правото за сервисирање и одржување на електричната мрежа за улично осветлување. Нашата програма која се базира на барањата на граѓаните ја реализираме во целост и затоа во овој период интензивно вршиме замена на уличните светилки со нови штедливи ЛЕД-светилки. Почнавме од најфреквентната улица „Васко Карангелески“ која како сообраќајница ги врзува булеварот „1. Мај“ и улицата „Партизанска“, и кои исто така ќе бидат опфатени со оваа активност на ЈП „Комуналец“, истакна директорот на претпријатието Панде Богоевски.

Од ЈП „Комуналец“ информираат дека бројот на сијалични места во градот и руралните населени места е во сооднос од 60 отсто во градот, наспроти 40 проценти во битолските села и сите редовно се одржуваат.

– Првата фаза на возобновување на запуштените сијалични места и отстранување на дефекти е зад нас, а пред нас е период на проценка за инсталирање и на нови сијалични столбови на места каде ќе се констатира дека уличното осветлување е незадоволително за што освен од нашите екипи, информации добиваме и од граѓаните, нагласи Богоевски.