Се попишаа Македонци на Кајманските Острови, но не и во Центар, Аеродром…

1018

Пописот влегува во фотофиниш, попишувачите имаат само уште три дена за да стигнат на сите оние места каде што не успеале да ги покријат, но тоа ќе биде тешко, со оглед на тоа што голема е бројката на граѓани кои се жалат дека не се потпишани од една страна, а малубројни се лицата акредитирани за евиденција. На прашањето на весникот ВЕЧЕР, дали оваа ситуација од теренот ќе ги натера надлежните од Државниот завод за статистика да го продолжат рокот за неколку дена, првиот човек на Статистика, Апостол Симовски, одговори негативно.

-Во моментов целата енергија се вложува за да се заврши започнатата операција и не се планира продолжување на рокот. Очекуваме во следните неколку дена сите да се попишат и пописот да заврши успешно во предвидениот рок, изјави Симовски за весникот ВЕЧЕР.

Од друга страна, пак, бројни се реакциите на граѓаните кои имаат желба да се попишат но се жалат дека попишувачите, во изминатите денови, не стигнале до нивните домови. Една од нив е 90-годишната Јелка, која живее во Општина Центар, над Клиничкиот центар Мајка Тереза.

-Јас сум цело време дома, но досега никој од овластените попишувачи не тропнал, не зазвонил на врата за да земе податоци. Уште од кога почна најавата имаме подготвено место каде што сите од зграда безбедно ќе ги дадеме нашите податоци, но никој не е дојден. Не се попишани ниту моите соседи, иако сите сакаме да се евидентираме, изјави за весникот ВЕЧЕР баба Јелка, која во животот  преживеала неколку пописи.  Таа вели дека е информирана за пунктовите кои деновиве се отворени за граѓаните сами да се пријават, но заради годините и заради пандемијата не ѝ паѓа на памет да оди до таму. Не сака да верува дека намерно ја избегнуваат бидејќи е припадничка на едно од малцинствата кои живеат во државава. Судејќи според објавите на граѓаните на социјалните мрежи, вакви случаи има во повеќе скопски населби.

Поради поплаките на граѓаните, но најверојатно и поради недостаток на попишувачи, викендов, беа отворени пунктови во 22 општини, каде што граѓаните кои досега од каква било причина не се попишале, ќе можат да го остварат тоа право. Од статистика велат дека граѓаните ги посетуваат општинските згради за да се попишат, а отворен е пункт и во Државниот завод за статистика. Локациите за попишување се достапни на линкот: https://popis2021.stat.gov.mk/Upatstva/SpisokNaKPRzaPopisuvanje.pdf

– Tоа се однесува на оние граѓани кои поради некоја причина не успеале во изминатите денови да остварат контакт со попишувачот, односно попишувачот поминал во нивиниот пописен круг, но не ги нашол во моментот дома, оставил или не оставил порака, едноствано не бил  воспоставен  контакт – велат од ДИК. Попишувачите велат дека се задоволни од одзивот на граѓаните во однос на попишувањето.  Велат има интерес од страна на граѓаните кои доаѓаат да се попишат, и дека најчесто се работи за граѓани кои треба да патуваат пред 30 септември. Попишувачите на статистика продолжуваат со работа и на терен, од 8 до 20 часот, информираат од ДСЗ.

Во меѓувреме, веќе се отворија и сомнежи за веродостојноста на податоците. Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, за српската „24седум“ изјави дека уште на почетокот имал сомнеж во резултатите и истакна дека манипулацијата со бројот на Србите во Македонија не е ништо ново и дека така било уште од првиот попис во земјата.

– Ние официјалните бројки за Србите во Македонија не ги признаваме уште од 1991 година, кога е направен првиот пописен фалисфикат. По тие резултати во Македонија живееле 45.000 Срби, а министерот за полиција во едно тогашно излагање рече дека во меѓувреме биле поделени 16.000 српски државјанства, што би било 62.000 наши сонародници. Меѓутоа, на следниот попис, бројот на Србите беше 36.000. Значи половина од претходно пријавените. Тоа се све бројки кои се далеку од реалноста. Сепак, ние ја продолжуваме нашата битка бидејќи нашата борба не е врзана само за бројот на Србите со кој се манипулира, туку и за остварување на степенот на политичкото вцлијание во македонското општество на основа на кое би можеле да се избориме за поадекватна положба на Србите во Македонија, изјавил Стоиљковиќ.

Но, Србите не се единствена заедница која се сомнева во резултатите од пописот.  Движењето „Аваја“ посочи неколку инциденти кои се однесуваат на непопишување на Роми како Роми, како и на правење притисок да се попишуваат како друга националност кои фрлаат сенка врз пописот. Претседателот на турската заедница веќе објави дека нема да го признае пописот, доколку процентот на застапеност на Турците во Македонија не одговара на бројот со кои тие располагаат. Од друга страна, пописот нема да го признаат и дел од македонските граѓани, поддржувачи на #НеОтворамВрата. Меѓу нив е партијата Левица, а лидерот Димитар Апасиев, на Фејсбук го прогласи пописот за мртов, појаснувајќи како неуспешно, како што вели, се фалсификува статистичката операција. Вели дека скопските општини се само половично попишани, а пописот најмногу се бојкотитра во Аеродром, каде цели згради остануваат непопишани. (Е.А.)

Во 45 земји во светот живеат по двајца или само по само еден македонските државјанин

Освен во државава, можноста за самопопишување на лица во странство ја искористиле – 198.589 граѓани од дијаспората. Најмногу македонски иселеници има попишано во Швајцарија, а тројца Македонци се попишале од Антарктикот, еден од вулкански остров.

-Во 45 земји во светот живеат по двајца или само по само еден македонските државјанин. Во 27 земји од март годинава на онлајн пописот којшто го спроведува ДЗС, се попишал само по еден македонски државјанин. Бахами, Фокландските Острови, Шри Ланка, Филипините, Бермуди и Боцвана се дестинации на коишто е евидентиран само еден државјанин од земјава. По еден Македонец е заведен во пописната евиденција и на егзотичните Кајмански Острови, Камерун, Костарика, Кукови Острови, Лаос, Мавританија и Маврициус, објави „Дојче веле“.