Се планира паркинг во училиштен двор!

531

Низа реакции можат да се видат на социјалните мрежи откако градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски најави дека во план е изградба на нов паркинг простор во дворот на ООУ „Стив Наумов”, наспроти пазарот. Дел од граѓаните сметаат дека станува збор за добро решение, но дел, пак, го осудуваат ваквиот потег сметајќи дека не е во ред да се бетонираат училишните дворови и дека на тој начин се доведува во прашање безбедноста на учениците.

– Ова им е добро решение. Дворот е предимензиониран и не се одржува ниту користи од страна на училиштето во целост. Реалноста е дека тука има голема френфекција на возила заради маркетот, пазарчето, градинката и школото. Моментално деца се оставаат на сред улица што е небезбедно, додека за време на одморите има паркирано коли насекаде ,со што повторно децата минуваат преку небзбедни улици и тротоари. На запад во секое школо децата се оставаат на школски обележан паркинг регулиран од редар – коментира Александар Стојановски.

Конечно барем ќе се искористи просторот и така за ништо не служи, ниту пак, игра таму некое дете, потенцираат други. Дуле вели дека сепак некој мисли како да се среди хаосот.

– Децата имаат каде да си играат и ништо нема да им се ускрати од нивното поминато време во училиште. Тука не гледам никаков проблем, бидејќи ќе се намали фреквенцијата на коли и безбедни ќе ни бидат децата – потенцира тој.

За разлика од ваквите коментари можат да се забележат и негативни.

Зелените од Гази баба прашуваат: „Дали е во ред да се бетонираат и детските училишни дворови?, Дали цената треба да ја плаќаат нашите деца поради тоа што претходните градоначалници кога издавале дозволи за градба гледале само на профит, заборавајќи на поимот хумано живеење.?“

– Било кој да може да паркира во училиштен двор. Безбедноста и децата се поважни и ова не треба да се дозволи. Следно ќе ви бидат слободни дворовите на детски градинки па кој знае таму што ќе ви текне да си направите. А можете и пред општина, пред бараките да направите катна гаража – регира Ангела Танчева.

Според Маријан Калиманоски, училишните дворови се места за градење спортско-едукативни содржини за учениците, а не за паркиралишта кои носат загадување на околината.

– Населбата Автокоманда е простор од 10 минути пешачење од едниот до другиот крај и е со повеќе маркети, дуќани… и не мора возилата да се паркирани токму пред влезот во пазарчето. Со изградбата на паркинг за педесетина возила проблемот нема да се реши – смета тој.

Од Општина Гази Баба велат дека во изминатиот период градоначалниот остварил повеќе средби со граѓаните кои постојано се жалат на проблемот со паркирањето.

– Веќе на едната страна во дворот на училиштето „ООУ Стив Наумов” има паркинг, а тој ќе биде продолжен и на другата страна. Ќе биде физички ограден со ограда и нема да претставува проблем по безбедноста на учениците. Сите сакаат решение на проблемот, а не кажуват како. А кога ние нудиме решение  стигаат негативни коментари – истакнаа од Општина Гази Баба.

Оттаму додаваат дека има уште неколку локации каде би можело да се изградат паркинзи, но за сега прво се испитува сопственоста на земјиштето.

(А.П.)