Се откажав од многу работи заради Олимписките игри

149

Миа Блажевска – Еминова (15) ќе биде најмладата македонска претставничка на Летните олимписки игри, кои во наредните две недели ќе се одржат во јапонската престолнина Токио. Таа ќе настапи во дисциплината на 100 метри слободно, а за весникот ВЕЧЕР изјави дека со оглед на тоа што ова се нејзини први Олимписки игри да стекне искуство и да го урне сопствениот државен рекорд. За неа патот до Олимпијадата беше со трње, мораше уште во најубавите тинејџерски години да се откаже од многу работи за да може да ја претставува Македонија во Токио.

-Имам само петнаесет години и за првпат ќе настапам на едни Олимписки игри и затоа имам време за настап и на други Олимпијади каде се надевам дека ќе се пласирам со А-норма. Оваа Олимпијада одам со вајлд-карта и како што кажав претходно, не очекувам нешто многу големо. Но очекувам да ги подобрам моите лични резултати, доколку го направам тоа ќе биде и државен рекорд, зашто сега тие се во моја сопственост, вели Еминова и откри низ се што поминала за да стигне до Олимписките игри.

-Се откажав од многу работи, пред се дружбата со моите врсници, секако многу мора да внимавам и на исхраната. Не можам да се хранам како сите други, само понекогаш можам да си дозволам брза храна, но тоа е многу ретко, бидејќи овој спорт бара голема посветеност. Тренирам девет пати неделно, односно девет пливачки тренинзи и три теретана. Не би можела да го издржам сето ова да не беше големата поддршка од моето семејство и тренерот, вели Блажевска-Еминова. (С.Т)