Се обновува главниот конак во „Свети Пантелејмон“ во Горно Нерези

85

– Се реконструираат подот, тоалетите, се заменуваат прозорците, а се поставува и нов систем за противпожарна заштита и нова електрична инсталација, како и нов систем за греење. На овој начин го враќаме автентичниот изглед на главниот конак, кој со години беше запуштен и неуреден – објаснуваат од Општината

На осум километри, југозападно од Скопје на планината Водно, во Горно Нерези се наоѓа манастирската црква „Свети Пантелејмон“, во истоимениот манастир.

Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат црквата изградена во македонски стил и манастирските конаци. На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, кое по своите квалитети се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнини.
Ова вредно културно-историско наследство сега е препуштено на забот на времето и беше запуштено и неуредно.

Токму тоа е и причината Општина Карпош да одлучи го спасува речиси милениумскиот храм „Свети Пантелејмон“, со тоа што презема активности за реставрација и конзервација на главниот конак. Оваа општина е единствената која може да се вклучи во обновата на конакот.

– Се работи за проект за регион со специфични развојни потреби, а Општината соодветствува со него. Првите чекори се презедоа на барање на поглаварот на Македонската православна црква, Г.Г. Стефан и МПЦ, а како и идеја и предлог од Општината. Така започна целата соработка и реконструкцијата на овој навистина важен културно-историски објект, кој се наоѓа на наша територија – нагласуваат општинските власти.

Оттаму информираа дека се реконструираат подот, тоалетите, се заменуваат прозорците, а се поставува и нов систем за противпожарна заштита и нова електрична инсталација, како и нов систем за греење.

– На овој начин го враќаме автентичниот изглед на главниот конак, кој со години делуваше запуштено и неуредно – објаснуваат од Општината и велат дека ова е прво големо обновување на главниот конак, а претходно било работено на некои мали поправки.

Треба да се напомни дека темелите на конакот се изгради уште во 17 век, а горниот дел од него е изграден во 60-тите години. Главниот и единствен конак ќе се користи исклучиво за монасите, но секако дека посетителите ќе можат да уживаат во убавините на ова наше културно наследство.

– Инаку овој религиозен храм кој има непроценлива историска вредност е значаен и од аспект на културно-историскиот, но и верски туризам на општината и градот, зашто тука секојдневно минуваат голем број на посетители од земјата и странство – потенцираат од Општина Карпош.

За оваа инвестиција, локалната самоуправа аплицираше и доби средства во износ од шест милиони денари од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, а потоа преку јавен повик избра квалификуван изведувач на реставраторските работи во конакот. Изведувач на градежните активности е Друштво за градежништво, производство, услуги и трговија „Изградба Комерц” ДООЕЛ експорт-импорт Скопје.

Времетраењето на обновата, како што истакнаа од Општина Карпош ќе зависи од временските услови во наредниот период и можноста за работење на терен.

Црквата „Свети Пантелејмон“ била подигната од византискиот принц Алексеј Ангел, син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот цар Алексеј Први Комнин (1081 – 1118). Од времето на градењето на црквата во 1164 година до 1555 година, кога во овој крај се случил еден од посилните земјотреси, манастирот бил целосно сочуван. Какви биле и колку настрадале старите манастирски конаци не е познато.

(А.П.)