Се наполнија кафулињата во градот, конечно на пијачка со пријателите

Со измените и дополнувања на протоколите за работа на угостителските објекти се укина обврската според која на една маса можат да седат четворица само доколку се од исто семејство, или само двајца доколку не се од исто семејство. За угостителите ова ограничување беше апсурдно и неприменливо во пракса бидејќи тие не можеа да ги легитимираат гостите.

167

Кафеаните и кафулињата во градот се наполнија откако беше дозволено на една маса да седат четири лица иако не се членови на исто семејство. Со измените и дополнувања на протоколите за работа на угостителските објекти се укина обврската според која на една маса можат да седат четворица само доколку се од исто семејство, или само двајца доколку не се од исто семејство. За угостителите ова ограничување беше апсурдно и неприменливо во пракса бидејќи тие не можеа да ги легитимираат гостите.

-Со измените и дополнувањата на протоколите за работа на кафулињата и на угостителските објекти за исхрана се укинуваат ограничувањата за седење на две лица на една маса, како и ограничувањето со кое се определуваше дека на една маса можат да седат четворица само ако се од исто семејство, информираа од Владата.

Оваа правило им создаде големи непријатности на угостителите поради враќање на гостите кои не можеа да докажат дека се од исто семејство, како и финансиски штети. Според Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора при ССК примената на ова правило беше апсурдно и неспроведливо на терен.

-Ова барање е спорно и е неспоредливо на терен, бидејќи ние не можеме да ги легитимираме гостите и да утврдиме дали се од исто семејство или не. Не е јасно како нема проблем кога граѓаните се возат во автобус, кога пазарат во маркети или во молови, тогаш не се гледа дали тие се од исто семејство, туку само кога станува збор за угостителските објекти, изјави Ангеловски.

Голем дел од угостителските објекти се придржуваат на ова правило, но имаше и такви кои не го почитуваат. Најчесто тоа беше случај со кафулињата низ населбите во градот каде можеа да се забележат повеќе луѓе на иста маса кои излегле на кафе или на пиво со пријателите.

И покрај тоа што казните за угостителите беа високи, сепак според Државниот пазарен инспекторат не беше казнет ниту еден угостител кој дозволил четворица гости да седат на иста маса. Најголемиот број од казните за угостителските објекти биле за недоволно обезбедени дезинфекциски средства и прекувремено работно време.

Угостителите сè уште чекаат да се донесе протокол за свадби и семејни веселби, за кој најавија и протести кои беа одложени поради изборите.

(А.С.)